• недела, 22 декември 2024

До средината на оваа година јавни повици за изградба на 70 локални улици во општините, најави Бочварски

До средината на оваа година јавни повици за изградба на 70 локални улици во општините, најави Бочварски

Скопје 15 март 2024 (МИА) – До средината на оваа година ќе се распишат јавни повици за изградба и реконструкција на уште 70 локални патишта и улици во општините, најави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски беше на увид на градежните активности во изградбата на седум локални улици во населеното место Хиподром, општина Гази Баба.

Посочи дека Министерството за транспорт и врски инвестира во сите општини без разлика дали централната и локалната власт се од иста или различна политичка партија, а како што рече, за реконструкција на улиците во општините во Скопје инвестирани се 11,5 милиони евра.

– Во овој момент овде работиме на изградба на седум локални улици и градежните активности на терен се одвиваат според предвидената динамика. Би ја искористил можноста да најавам дека до средината на оваа година ќе распишеме јавни повици за изградба и реконструкција на уште 70 локални патишта и улици во општините. Само во Скопје и општините во Скопје инвестираме 11,5 милиони евра за реконструкција на улиците, инвестиции што даваат голема додадена вредност за подобри и поквалитетни животни услови, рече Бочварски.

Преку проектот на Министерството за транспорт и врски вреден 70 милиони евра, Ковачевски истакна дека низ општините се градат преку 250 километри локални патишта.

– Во мандатот на СДСМ од 2017 година до денес изградени се патишта во должина од преку 1500 километри, а во овој момент се работи на повеќе автопатски делници и тоа се градат нови 168 километри автопат и се рехабилитираат околу 40 километри.Се градат преку 250 километри локални патишта низ општините преку проектот на Министерството за транспорт и врски, вреден 70 милиони евра. До сега комплетно е завршена реконструкцијата на 180 локални патишта и улици со должина од 173 километри во над 65 општини, рече Ковачевски. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан