• недела, 22 декември 2024

Дополнително проширен пожарот во источниот дел на областа Атика – низа евакуации во рано утрово

Дополнително проширен пожарот во источниот дел на областа Атика – низа евакуации во рано утрово

Атина, 12 август 2024 (МИА) – Неколку населби во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и две болници, рано утрово беа евакуирани поради пожарот што веќе над 16 часа гори без контрола, а во текот на ноќта дополнително се прошири, заземајќи огромни размери, јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот од 5.10 до 5.40 часот утрово беа испратени низа пораки од бројот 112 за итни случаи до жителите на шест населби, а помалку од еден час подоцна следеше и нова порака за евакуација на уште една населба.

Паралелно беа евакуирани и детска болница и воена болница во конкретниот регион.

Пожарот од источниот дел на областа Атика се прошири кон северниот дел на Атина, а според процените во Грција зафаќа површина од над 30 километри.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, рано утрово информираше дека „сите сили на цивилната заштита цела ноќ со бореа и покрај натчовечките напори, пожарот забрзано се прошири“.

Интервенираат 510 пожарникари, со 16 пешадиски тима и 152 возила, како и голем број волонтери, а со првите зраци на сонцето, започна и гаснењето од воздух со 32 средства, авиони и хеликоптери.

-Ветровите во текот на ноќта останаа силни, создавајќи опасни услови. За жал, нивниот интензитет се очекува да се зголеми во следните неколку часа и граѓаните од подрачјата каде што се развива пожарот во секој случај треба да ги следат инструкциите на надлежните, посочи Ватракојанис.

Евакуации на населени места имаше и во текот на вчерашниот ден, како и доцна во ноќта, а за прием на граѓаните беа отворени спортски сали, како и Олимпискиот стадион во Атина.

Во евакуацијата на жителите на зафатените подрачја од пожарот, вклучена е и полицијата, а полицајци одат од куќа до куќа, од врата до врата за евентуално спасување на граѓани.

Паралелно, како што соопшти министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис, два здравствени центри во пошироката област и две болници во Атина се во состојба на зголемена готовност, доколку биде потребна хоспитализација на повредени граѓани.

Засега, регистрирани се само неколку случаи на граѓани кои побарале помош со проблеми со дишењето поради густиот чад.

Чадот е проширен во целата област Атика, а според Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, се простира во должина од околу 100 километри. ср/

Остани поврзан