• недела, 22 декември 2024

Доосовременување на депоата и реконструкција на зградата на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“

Доосовременување на депоата и реконструкција на зградата на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“

Струга, 19 февруари 2024 (МИА) - Замена на надворешната столарија на управната зграда на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“ и осовременување на депоата, се дел од проектите на Националната установа што треба да се реализираат во текот на годината.

Директорот на Музејот Дарко Прензоски информира дека прозорците и вратите на објектот се дотраени и не дихтуваат добро, а тоа оневозможува стабилни микроклиматски услови.

- Со реализацијата на проектот објектот ќе се заштити од натамошно пропаѓање со задржување на автентичниот изглед. Следен чекор би бил комплетно санирање и конзервирање на фасадата со што Музејот би го добил целосниот сјај и изглед кој го заслужува како едно значајно културно наследство, истакна Прензоски.

Дел од програмата на Националната установа „Д-р Никола Незлобински“ е и четвртата фаза од осовременувањето на депоата, проект, кој почна да се реализира во 2018 година.

По препокривањето на управната зграда, во која се сместени депоата поставена е соодветна изолација, нова електрична инсталација, ламинат, врати... , годинава, како што посочи Прензоски, предвидено е доопремување на депоата со соодветни витрини, плакари, полици, сталажи, рафтови и кутии.

- Ќе бидат обезбедени и соодветни микроклиматски услови со поставување клима уреди и одвлажнувачи на воздухот за да се обезбеди максимална заштита во сите депоа. Условите за чување на збирките се од витално значење за да се зачува материјалот за идните генерации и да се минимизира штетата која би настанала од несоодветно депонирање на материјалот, а за што ќе биде потребна скапа конзервација. На тој начин ќе бидат исполнети основните и нормативните заштитни услови, вели Прензоски.

Управната зграда на Музејот „Д-р Никола Незлобински“, претставува Споменик на културата, изграден меѓу двете светски војни во неокласичен стил, во строга симетрија, со барокни влијанија, ограда со балустради и богато декорирани капители. Тој е значаен објект на градската архитектура на Струга. На фасадата има богати декоративни елементи на меѓукатната конструкција, по ободот на целата стреа, како и околу прозорците.

Целокупната музејска збирка од археолошкото, историското, етнолошкото и одделението за историја на уметност и дел од збирката на биолошкото одделение се сместени во музејските депоа, кои се наоѓаат во административната зграда на Музејот „Д-р Никола Незлобински“, поради немање соодветен простор за музејски поставки. сс/сст/

Фото МИА архива

Остани поврзан