• петок, 05 декември 2025

Донација од австриската покраина Тирол за Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ од Охрид и Дебрца

Донација од австриската покраина Тирол за Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ од Охрид и Дебрца

Охрид, 17 мај 2025 (МИА) – Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во рамки на работна посета на Охрид присуствуваше на чинот на припопредавањето на противпожарно возило за Волонтерското противпожарно друштво „Ентузијаст“ од Охрид и Дебрца, донација од австриската провинција Тирол.

Тошковски се заблагодари на гостите од Австрија за вредната донација, притоа изразувајќи уверување дека соработката со австриските волонтери ќе продолжи, како со обезбедување опрема така и во обука на самите пожарникари.

Што се однесува на постојните капацитети на државата за справување со пожари, Тошковски посочи дека изминатиот период е работено со единиците за локална самоуправа и Дирекцијата за управување со кризи, во насока на што поголема подготвеност.

- Работиме како во делот на технички капацитети, така и во делот на обука на човечките ресурси. Во иднина Македонија треба да се фокусира на доболоволните противпожарни друштва, за да може да се одговори на предизвиците. Дури и држави со далеку поголем капацитет како Австрија, не можат да одговорат на предизвиците само со институционалните противпожарни капацитети. Оттаму и те како се битни доброволните противпожарни друштва, фокусирани сме во тој дел да ги зајакнеме капацитетите,како технички така и човечки, рече тој.

Австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер, од своја страна изрази задоволство што се реализира оваа донација од австриската покраина Тирол, изразувајќи уверување дека соработката ќе продолжи и понатаму, и со други донации, но и со други општини од земјава.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, посочи дека создавањето на Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“, негово обезбедување со простории и еве со возила и опрема, но и искуства, се во насока на ширењето на волонтерството во справувањето со пожарите, што е од исклучителна важност за заедницата.

Донацијата од Тирол за потребите на „Ентузијаст“ е специјализирано навално возило со сопствен резервоар за вода, пумпа, брзо витло и друга пропратна противпожарна опрема. аб/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан