• вторник, 23 јули 2024

Шведска донација на опрема за инспекторатите за животна средина во пет општини

Шведска донација на опрема за инспекторатите за животна средина во пет општини

Кавадарци, 7 декември 2023 (МИА) - Инспекторатите за животна средина и општинските служби во Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга и Куманово, добија опрема како донација од Шведска во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот со која значително се зајакнуваат капацитетите за контрола на загадувањето на животната средина во овие пет општини. 

Амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џаин и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан денеска во Кавадарци, во рамки на посетата на општина Кавадарци, на средбата со градоначалникот Митко Јанчев, беше презентирана опремата која ја доби општинскиот Инспекторат за животна средина, врз основа на проценката за тоа што им е најпотребно за успешно вршење на работните задачи.

Опрема за инспекторатите за животна средина се донира и во останатите четири општини во кои ќе се спроведува проектот што го имплементира УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Заблагодарувајќи се за шведската донација, градоначалникот Јанчев, оцени дека станува збор за опрема која е неопходна за општина Кавадарци, за успешна контрола на загадувањето на животната средина во градот. Таа ќе им помогне на инспекторите во вршење на својата дејност и задолженијата за заштита на животната средина.  

Според Јанчев, заштитата на животната средина е приоритет за општина Кавадарци и за обезбедување на здравата иднината на новите генерации.

Амбасадорката Ларсон Џаин, информираше дека Шведска, како еден од најголемите билатерални донатори на земјата со буџет кој за оваа година надминува 7 милиони евра, поддржува активности и проекти поврзани со реформите во областа на демократијата и човековите права, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и справувањето со климатските промени и инклузивниот економски развој.

-Шведска е ангажирана и посветена да и помогне на државата да се справи со предизвиците поврзани со заштитата на животната средина и прилагодувањето на еколошките стандарди на ЕУ. Нашата поддршка е силно фокусирана на предизвиците со загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот и климатската акција Од клучно значење за Шведска е активниот ангажман на локалните чинители. Од таа причина, особено го цениме партнерството со Министерството за животна средина и просторно планирање, општините и УНДП, кое се одвива во духот на соработката и споделената одговорност. Говорејќи за загадувањето на воздухот, важно е да се истакне дека не станува збор само за заштита на животната средина, туку и на јавното здравје, социјалната правда и одржливиот развој. Само со заедничка акција можеме да го надминеме овој предизвик и да обезбедиме подобра, поздрава иднина за сите, изјави амбасадорката Ларсон Џаин. 

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан, посочи дека по успешната прва фаза на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, во рамките на која се подобри енергетската ефикасност на 130 куќи во скопската населба Лисиче, благодарение на континуираната поддршка на Шведска, активностите сега ќе се спроведуваат во нови пет урбани центри.

- Значаен дел од борбата против загадувањето на локално ниво, во рамките на проектот, е зајакнувањето на капацитетите на јавната администрација и инспекторатите во општините, каде тој ќе се спроведува. Затоа преку проектот набавивме опрема за локалните инспектори за животна средина и општинската администрација, кои тие самите ја одредија како најприоритетна. Станува збор за ИТ опрема, заштитни одела за на терен, сензори за мерење бучава и квалитет на водата или ЏПС уреди, за кои сигурни сме дека ќе им помогнат на луѓето од општина Кавадарци подобро да се справат со предизвиците за заштита на животната средина, изјави Григорјан.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е втора фаза од истоимениот проект кој беше успешно реализиран во Скопје и е дел од потпишаната програмска рамка за соработка меѓу Шведската агенција за меѓународна соработка  и УНДП, во рамките на која се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.  

Како што беше кажано, Шведска издвои  2.284.309 американски долари за финансирање на активностите, со 25 000 американски долари учествува и УНДП, додека дополнителни средства обезбедуваат и општините во кои ќе се спроведуваат активностите.  свд/вг/

 

Фото : Општина Кавадарци 

Остани поврзан