• петок, 04 октомври 2024

Дождот добредојден за земјоделството, се препорачува примена на агротехнички и превентивни мерки

Дождот добредојден за земјоделството, се препорачува примена на  агротехнички и превентивни мерки

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Да се применуваат соодветни агротехнички и превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, но и да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води, препорачуваат агрометеоролзите согласно најавите на УХМР дека под влијание на циклонска активност за време на викендов ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.

 Дождот, нагласуваат, е потребен, зашто влажноста на почвата по долгото сушно лето значително се намали.

-Во градинарството на почетокот на месецот се сади зелената салата, а кај останатите градинарски култури се берат плодовите. И кај лозарството има берба на некои касни сорти десертно грозје. Кај поледелските култури овој месец почнува сеидбата на пченицата и јачменот. Времето на сеидбата има големо значење, бидејќи директно влијае врз времето на поникнувањето, презимувањето на растенијата, но и врз приносот. Некои сорти се сеат порано, а некои подоцна. Температурните услови диктираат кога треба да се засеат сортите во одреден регион. Се препорачува да се применуваат правилни агротехнички мерки. Доколку временските услови дозволуваат, да се продолжи и со другите агротехнички мерки, велат агрометеоролзите од УХМР.

Тие потсетуваат дека, според прогнозата, собено во ноќта кон сабота и потоа преку денот врнежите ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и засилен ветер кој ќе дува повремено и со брзина од над 70 километри на час.

-На почетокот на неделата ќе биде стабилно со сончеви периоди. Дождот е потребен, влажноста на почвата по долгото сушно лето значително се намали, па врнежите ќе ја надоместат и ќе овозможат успешна есенска сеидба, истакнуваат агрометеоролзите. мч/дма/

фото: МИА архива

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан