• понеделник, 23 декември 2024

Доделени финансии за изработка техничка документација за реконструкција на кривопаланечки Центар за култура

Доделени финансии за изработка техничка документација за реконструкција на кривопаланечки Центар за култура

Крива Паланка, 16 август 2023 (МИА) - Министерството за култура додели финансиски средства во висина од 800.000 денари за изработка на проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на зградата на Национална установа Центар за култура Крива Паланка.

Средствата се обезбедени преку Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата.

На објавата на официјалната фејсбук страница на министерката за култура Бисера Стојчевска се наведува дека креативноста и иновативноста се нераскинлив дел од културата, а зајакнувањето на културниот сектор има позитивно влијание врз сите сегменти на општеството.

-Ги поддржуваме локалните проектни иницијативи кои им даваат можност на граѓаните да се вклучат и да уживаат во културните активности, да го негуваат нашето културно наследство и да го поттикнуваат современото творештво. Министерството за култура обезбеди поддршка за проектот предложен од Општина Крива Паланка за изработка на проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на зградата за Центар за култура Крива Паланка, преку Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Убедена сум дека токму единството и соработката се клучни елементи кои придонесуваат за културен развој на нашата земја. Со активностите во секоја општина поединечено преку капиталните дотации, се поврзуваме меѓу себе, стануваме појасна слика за македонскиот идентитет и култура во рамките на Балканот и на Европа, пишува на објавата.

Од НУЦК Крива Паланка, директорот Антонио Стојановски, упати благодарност до општината што аплицираше со проектот за изготвување план за реконструкција на оваа репрезентативна установа која по речиси четири децении доби реконструирана кино-сала и соблекувални во повеќенеменската сала. Проектот ќе придонесе и за изготвување нова и современа визија на објектот, кој потоа ќе може да се уреди и прилагоди.

Стојановски изрази благодарност до Министерството за култура за континуираната поддршка на установата и проектите од културата.

НУЦК продолжува со реализација на годишната програма и со „Кривопаланечко културно лето“. иб/вг/


Фото: ФБ Бисера Костадиновска-Стојчевска

Остани поврзан