Доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2024/2025 година
- На 20 најдобри студенти денеска им беа доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2024/2025, кои своето образование ќе го продолжат на „Сити Колеџ“, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк. Стипендиите им ги додели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - На 20 најдобри студенти денеска им беа доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2024/2025, кои своето образование ќе го продолжат на „Сити Колеџ“, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк. Стипендиите им ги додели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Добитниците на стипендиите се Андреева Ана, Бабамова Теонова Верица, Ванчов Димитар, Гацева Ана, Галевски Силвија, Грујевска Софија, Димитрова Аго Весна, Зеќир Сокол, Илиоска Ангела, Костовска Катерина, Милошевска Јовановска Елена, Мирковски Дарио, Николова Марковиќ Александра, Радеска Ѓуриќ Марија, Саздовска Анастазија, Симеонова Стоименова Кристина, Ставреска-Богојевска Габриела, Столевски Јован, Тошевски Јован и Хорват Александра.
Стипендиите се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот, Министерството за образование и наука (МОН), Фондацијата „Борис Трајковски“ и „Сити Колеџ“, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.
Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на „Сити Колеџ“ и изнесува 14.890 евра, при што 50 проценти или 7.445 евра по студент обезбедува Министерството за образование и наука (МОН), а останатите 50 проценти ги обезбедува „Сити Колеџот“.
Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање денеска по повод доделување на стипендиите, посочи дека нема поголема инвестиција од онаа во образованието, вклучувајќи ги и постдипломските студии.
-Студирањето на „Сити Колеџ“ е вистински интелектуален и животен предизвик за секој млад човек, кој е решен да го продлабочи знаењето, да ги прошири видиците надвор од татковината, витешки да се натпреварува и да другарува со младите од различни држави и култури, да учи од еминентни професори, да се усовршува и да се облагородува, рече Сиљановска Давкова.
Таа ги повика стипендистите да ја продолжат мисијата на претседателот Борис Трајковски во градењето разбирање, пријателство и добрососедство.
-Продолжете ја мисијата на претседателот Борис Трајковски во градењето рабирање, пријателство, добрососедство, но и соработка, во случајот преку образовна, научна и културна дипломатија меѓу двете држави. Докажете дека образованието и знаењето зближуваат, а не делат. Двојната диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот од Стразбур двојно ќе го продифилира вашиот труд и знаење, не само на двата универзитета, туку и во домашната и во европската образовна и научна мрежа, рече Сиљановска Давкова.
Таа на стипендистите им порача дека двојната диплома, како „круна“ на успешното студирање ќе ги направи посигурни во себе, ќе ја зголеми нивната самопочит, но и почитта што ќе ја имаат од другите.
-Двојната диплома ќе ви отвори многу врати за професионален ангажман и ќе ја поттикне образовната мобилност. Сигурна сум дека изборот за стипендисти не е случаен, туку е заслужен. Верувам и посакувам да бидете пример за идните студенти, како што претседателот Трајковски беше и остана инспиративен пример на политички лидер со дигнитет и интегритет, рече претседателката.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во своето обраќање денеска рече дека оваа стипендија го носи името на претседателот Борис Трајковски, посочувајќи дека неговото дело ќе ги мотивира и инспирира студентите во стекнување на нови знаења.
-За време на студиските престои во Велика Британија, Франција и Грција, вие ќе бидете дел од нови динамични средини, ќе учите, но и ќе се дружите со млади кои доаѓаат од различни култури, ќе создавате трајни пријателства. Оваа стипендија го носи името на претседателот Борис Трајковски. Неговото дело ќе ве мотивира, ќе ве инспирира да стекнете нови знаења, напредни вештини, иновативни идеи и различни перспективи, кои потоа се надевам ќе ги примените овде дома, во Македонија. Владата верува во вас, и ќе исплати половина школарина во износ од 7.445 евра по студент, рече Јаневска.
Таа напомена дека државата ја поддржува образовната мобилност, но исто така ги поддржува и политиките на Европската Унија за справување со одливот на мозоци.
-Владата преку мултиресорски пристап креира мерки и активности, за да се намали заминувањето на кадрите кои нам ни требаат. Ние ја зајакнуваме основата врз која го градиме образовниот систем, работиме на усогласување на образованието со потребите на пазарот на труд. Буџетот за обраозвание и наука сериозно ќе расне и оттука јасно е дека пристапуваме кон предизвикот да го подигнеме квалитетот на образованието. Драги стипендисти, се надевам дека и вие сериозно ќе пристапите кон своите академски обврски. Вие тоа сте го заслужиле. После две години ве очекуваме дома. Ви посакувам многу успех, додаде Јаневска. бт/нд/
Фото: МИА