• четврток, 04 јули 2024

Договорена соработка, наесен ќе се одржи „Недела на косовскиот театар во Белград“

Договорена соработка, наесен ќе се одржи „Недела на косовскиот театар во Белград“

Белград, 3 јули 2024 (МИА) - Ќендра Мултимедија од Приштина потпиша Меморандум за соработка со Народниот театар од Белград за организација на „Недела на косовскиот театар во Белград“, што ќе се одржи наесен, околу 29 ноември 2024 година. 29 ноември беше познат како Ден на Републиката, датумот кога се славеше раѓањето на федеративна Југославија, се вели во соопштението за медиумите што во име на двата театра го испрати Ќендра од Приштина.
 
Далеку од вниманието на медиумите, Меморандумот синоќа во Белград го потпишаа Светислав Гончиќ, директор на Народниот театар од Белград и Јетон Незирај, директор на Центарот Мултимедија од Приштина.
 
„Ова е извонреден, историски настан што го означува извонредниот напредок на културните односи меѓу Косово и Србија. По долги години безнадежен конфликт меѓу двете земји, а особено по последните тензии што ги оставивме зад нас, кога Владата на Србија го откажа одржувањето на фестивалот „Мирдита, Добар дан“ во Белград … веста за организацијата на „Недела на косовскиот театар“ во Белград претставува значаен, револуционерен чекор напред во време кога се чинеше дека надежта за нормализација на односите е целосно згасната. Ова отвора нов прозорец од големо значење за иднината на двете земји“, се вели во соопштението што Ќендра од Приштина го испрати до медиумите во име на двата театри.
 
„Свесен сум за културната и политичката тежина на овој потфат, но подготвен сум да ги сносам последиците“, рече Светислав Гончиќ, пренесува Н1.
 
„Крајно време е нашите две земји да гледаат кон иднината, а ова отворање на вратата на театарската сцена на соседната земја е најцивилизираниот можен чин. Во Министерството за култура на Републиката ми рекоа дека Албанците немаат театар. Нивните настапи можеби не се квалитетни, но важно е да им подадеме рака на помирување, да им ја понудиме нашата сцена за да можат да ги покажат своите автомобили и своите ора. Знам дека Албанците имаат прекрасен фолклор“, рече Светислав Гончиќ, како што се наведува во соопштението.
 
Не беше лесен пат да се дојде до овој меморандум, се додава во изјавата на Ќендра. Преговорите се водеа околу два месеци, во Приштина и во Белград. Во овие два месеци преговори најдовме одговори на сите административни и политички прашања, кои честопати не беа толку лесно да се одговорат.
 
„Три дена по ред Белград ќе дише албански. Имавме многу недоразбирања и несогласувања, но сите беа надминати благодарение на нашата подготвеност за компромиси. Ова е театарот, ова е силата на театарот“, рече Јетон Незирај, директор на Центар Мултимедија од Приштина.
 
Ексклузивно за таа прилика, според Кендра, ќе биде продуцирана нова претстава сместена во Белград во 50-тите години на минатиот век. Станува збор за приказна за албанско семејство кое брои 43 члена и се занимава со трговија со оџачари. По премиерата, со цел да им се оддаде почит на сите вредни Албанци кои некогаш сечеа дрва за зимско огревно дрво и ги чистеа оџаците на куќите во Белград, Народниот театар од Белград ќе подигне спомен-оџак во форма на обелиск. ссм/зш/

фото: архива

Остани поврзан