Дисциплинска постапка за полицискиот службеник чија службена легитимација беше злоупотребена од неговиот син во инцидентот на скопската обиколница
- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поведе дисциплинска постапка за нарушување на работниот ред и дисциплина против полицискиот службеник чија службена легитимација беше злоупотребена од неговиот син во инцидентот на скопската обиколница. Како што информираат од МВР, Одделот за внатрешна контрола констатирал дека полицискиот службеник И.А.Х., дозволувајќи неговата службена легитимација да биде употребена за лични цели од неговиот син, постапил спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи. Против синот на полицискиот службеник, СВР Скопје во соработка со јавен обвинител ќе поднесе кривична пријава по член 386 – „насилство“ од Кривичниот законик.

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поведе дисциплинска постапка за нарушување на работниот ред и дисциплина против полицискиот службеник чија службена легитимација беше злоупотребена од неговиот син во инцидентот на скопската обиколница.
Како што информираат од МВР, Одделот за внатрешна контрола констатирал дека полицискиот службеник И.А.Х., дозволувајќи неговата службена легитимација да биде употребена за лични цели од неговиот син, постапил спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи.
Против синот на полицискиот службеник, СВР Скопје во соработка со јавен обвинител ќе поднесе кривична пријава по член 386 – „насилство“ од Кривичниот законик.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презеде мерки и активности, постапувајќи по претходна пријава дека Ф.Х. ја злоупотребил службената легитимација на неговиот татко И.А.Х., полициски службеник во Полициското одделение Сарај. Имено, по преземени мерки било констатирано дека Ф.Х. на 21.03.2025, управувајќи приватно моторно возило, следел друго лице и во близина на село Смилковци и клучка Стајковци се претставил како полициски службеник и ја покажал службената легитимација на неговиот татко. Притоа, Ф.Х. физички го нападнал лицето, кое потоа настанот го пријавило во полициска станица. Во врска со настанот, СВР Скопје во соработка со јавен обвинител, против Ф.Х. ќе поднесе кривична пријава по член 386 – „насилство“ од Кривичниот законик, информираат од МВР.
Основното јавно обвинителство Скопје, претходно поведе постапка против 20-годишникот за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а доставен е и предлог за притвор.
Јавното обвинителство претходно денеска соопшти дека поради недоразбирање во сообраќајот осомничениот управувајќи автомобил „Фолксваген голф” дошол во иста линија со возило „Сеат леон” кое го управувал оштетениот. Со автомобилот започнал да навлегува во лентата по која се движел оштетениот, па како да е овластен полициски службеник преку својот прозорец на оштетениот му ја покажал полициската значка, која била во возилото и со која бил задолжен неговиот татко – полициски службеник во СВР Скопје. Оштетениот, мислејќи дека се работи за стоп наредба од овластен полициски службеник, го запрел своето возило и се упатил кон возилото на осомничениот. Тој излегол надвор, почнал да го пцуе оштетениот, па од фармерките извадил нож на расклопување и го отворил сечивото. Со ножот почнал да замавнува кон оштетениот, нанесувајќи му телесни повреди, по што побегнал, стои во информацијата од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор, имајќи ја предвид пред се опасноста тој да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода за да ја избегне кривичната одговорност за делото што му се става на товар. аа/мд/
Фото: МИА архива