• петок, 22 ноември 2024

Дискусија: Печатените медиуми се важни за зачувувањето на стандардите на новинарската професија, потребно системско решение за нивна поддршка

Дискусија: Печатените медиуми се важни за зачувувањето на стандардите на новинарската професија, потребно системско решение за нивна поддршка
Скопје, 24 јуни 2022 (МИА) - Слободата на изразување претставува основен столб на демократија и затоа во државата се потребни независни и плурални медиуми. Печатените медиуми одиграа и се уште играат важна улога во насока на зачувувањето на стандардите во новинарската професија, и токму затоа потребно е државата да воведе системско решение за нивна поддршка. Исто така, потребно е континуирано да се има заеднички дијалог и дебата за развој на медиумската сфера и почитување на меѓународните стандарди и препораки. Ова беа заклучоците од денешната јавна дискусија организирана од Генералниот секретаријат на Владата на Северна Македонија во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми (АЗНПМ). Според министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, токму слободните и независни медиуми овозможуваат следење на јавните политички прашања, и со коментар и мислења придонесуваат кон оформување на јавното мислење. -Слободата на изразување претставува основен столб на демократијата. Слободни и независни медиуми овозможуваат следење на јавните политички прашања, и со коментар и мислење придонесуваат кон еден вид поставување на политичката анкета и оформување на јавното мислење, рече Алити на денешната дискусија. Тој напомена дека слободните медиуми придонесуваат за развој на демократските процеси и вредности и истите осигуруваат дека владеењето на правото постои и се почитува. Токму овие демократски процеси, како што рече, се катализатор на човечкиот развој. -Медиумите нудат едукација, забава, културно и политичко изразување, а во исто време играат важна улога во стопанството, креирање работни места.. Од друга страна, развојот и примената на новите технологии создаваат нов вид на медиумска реалност и доведуваат еден вид промени и предизвици во медиумскиот систем. Новите технологии овозможуваат дополнителен развој на слободата на изразување, но за жал сведоци сме и на тоа дека тие озвозможија лесно ширење на говор на омраза, дезинформации, лажни вести и пропаганда, додаде министерот. Според него, ширењето на вакви појави може да биде во функција на исполнување на одредена политичка агенда, поткупување на демократските вредности и процеси во државата, дискредитација на институциите. Од друга страна, како што рече, оваа ситуација се рефлектира врз постојниот начин на функцинонирање кај традиционалните медиуми, поточно на печатените медиуми. Како што рече, овие појави го доведуваат во прашање почитувањето на професионалните и етичките стандарди во новинарството, како и правата на новинарите. Министерот напомена дека државата мора да ја сфати резиозноста на оваа ситуација и да преземе соодветни мерки и чекори согласно меѓународните стандарди и препораки. Тој додаде дека потребно е континуирано да се има заеднички дијалог и дебати за развој на медиумската сфера и почитување на меѓународните стандарди и препораки. -Овие предизвици бараат посебен пристап во однос на заштита на слободата на изразување, обезбедување развој на слобода и плурални медиуми и високо, квалитетно и професионално новинарство кое ќе може да се постигне единствено ако се придржуваме кон стандардите и принципите на транспарентност, односно ако континуирано имаме заеднички дијалог и дебати за развој на медиумската сфера и почитување на меѓународните стандарди и препораки, рече Алити. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски во дискусијата денеска посочи дека печатените медиуми одиграа и играат се уште важна улога во насока на зачувувањето на стандардите во професијата. Тој се согласи дека живееме во време на дезинформации, но како што информираше најмал е бројот на жалби и тужби врз новинарите или медиумите кои што се во печатената сфера. -Мора да размислуваме какви чекори е потребно да преземеме понатаму, да видиме каков бенефит ќе добие квалитетно нивинарство и каков бенефит ќе добијат новинарите во печатените медиуми, на кој начин ќе се зголеми не само продукцијата во работењето, туку ќе се зголеми и квалитетот во работењето на традиционалните печатени медиуми, но и бројот на вработени во овие медиуми, пред се преку промоција на теми од јавен интерес во насока на служење на јавниот интерес, бидејќи основната задача на сите нас е да им служиме на граѓаните и на јавниот интерес. Тоа ќе го оставриме само со зголемување на квалитетот кон новинарството, додаде Чадиковски.бт/са/    

Остани поврзан