• среда, 01 мај 2024

Дипломати од Франција, Германија и ЕУ на средба во Париз за да побараат повеќе средства за Судан

Дипломати од Франција, Германија и ЕУ на средба во Париз за да побараат повеќе средства за Судан

Париз, 15 април 2024 (МИА) - Дипломати од Франција, Германија и Европската унија ќе се сретнат денеска во Париз за да побараат повеќе средства за Судан, на првата годишнина од избувнувањето на конфликтот во таа африканска земја.

На францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне во француската престолнина ќе му се придружат неговата германска колешка Аналена Бербок, шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел и европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе се сретне со Борел и Ленарчич на крајот на конференцијата, соопшти Европската служба за надворешни работи.

Војната во Судан избувна на 15 април 2023 година, меѓу суданската армија и паравоената единица наречена Сили за брза поддршка (РСФ). Конфликтот ја уништи инфраструктурата на веќе сиромашната земја, создаде закана од глад и принуди милиони луѓе на егзил внатре или надвор од земјата.

Илјадници цивили беа убиени во војната, а двете страни се обвинети за воени злосторства. Светската здравствена организација во петокот предупреди дека кризата може да се влоши во наредните месеци бидејќи испораката на хуманитарна помош продолжува да биде попречена.

Американската Влада се надева дека конференцијата во Париз ќе го отвори патот за помош на погодената земја и ќе донира 100 милиони долари заедно со друга помош за Судан. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан