• петок, 22 ноември 2024

Димитров - Шоле: Американска поддршка на португалското претседателство и напорите за почнување на пристапниот процес

Димитров - Шоле: Американска поддршка на португалското претседателство и напорите за почнување на пристапниот процес
Скопје, 9 јуни 2021 (МИА) Американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес ја нагласил Дерек Шоле, советникот на Стејт департментот и посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со надлежност во однос на важни прашања од надворешната политика, попладнево во телефонски разговор со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.  Како што соопштија од СЕП, соговорниците се надоврзаа на точките кои беа разговарани во април годинава, односно статусот на европското досие на нашата држава, и актуелните можности за пробив на европскиот пат за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ.

Вицепремиерот Димитров во разговорот ја нагласил важноста на ова прашање во контекст на иднината на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот, што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста и сигурноста на регионот и континентот.

- Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската Унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, заемна соработка врз основа на почитување и заеднички вредности и интереси, наспроти истакнување на важноста на границите, поделбите и разликите како антипод на оваа идеја, нагласил Димитров.

Како што посочил Димитров, Северна Македонија ја потврди оваа визија и покажала лидерство за обезбедување регионална безбедност, мир и соработка, а во насока на реализирање на заедничката стратешка цел – пристапување во евро-атлантската заедница што покрај членство во НАТО треба да биде заокружена и со полноправно членство во ЕУ. - Вицепремиерот Димитров упати благодарност за фокусот што претседателот Бајден го става на мирот и стабилноста во регионот, вметнувајќи го Договорот од Преспа во неговата агенда, со што се потврдува неговото меѓународно значење, стои во соопштението.

Од СЕП појаснуваат дека од американска страна е потврдена поддршката за неодложно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи неисполнувањето на ветувањето засновано на постигнатите резултати придонесува кон дестабилизација на состојбата во регионот.

Во таа насока, советникот Шоле во разговорот ја нагласил американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес. Тој исто така се заблагодарил на врвната организација на неодамнешната НАТО вежба „Одлучен удар 21“, на армискиот полигон Криволак во комплексни услови, со оглед на пандемијата и изразил задоволство за сојузништвото меѓу двете земји. бт/лв/

Остани поврзан