Димитров: Францускиот предлог ја билатерализира преговарачката рамка и не нè носи кон членство во ЕУ
- Францускиот предлог не нè носи кон членство во ЕУ. Ние сакаме да ги почнеме преговорите или сакаме да ги завршиме преговорите и да влеземе во членство, затоа што нè носи во едно тесно сокаче
![Димитров: Францускиот предлог ја билатерализира преговарачката рамка и не нè носи кон членство во ЕУ](https://mia.mk/images/20221113161950_big_730x400_43.webp )
- Не може во Северна Македонија ние да впишуваме бугарска заедница во Уставот на барање на Бугарија, а Бугарија за мнозинскиот народ, за македонскиот народ кој зборува македонски јазик, уште не е на чисто со македонскиот идентитет. Ние не бараме да ни го признае јазикот. Државите не признаваат јазици, но имаат обврска да го почитуваат правото на самоизјаснување и самоопределување на македонскиот народ. Тоа што го направи Грција со Преспанскиот договор. Проблемот на овој предлог е прво што не го решава македонско-бугарскиот проблем затоа што негирањето уште постои. Додека Бугарија не се откаже од таа агенда, да нè отрезни нас Македонците, тој проблем нема да биде решен, и ние не можеме да го затвориме македонското прашање со последната држава којашто има проблем со тоа, тоа е Бугарија, оценува Димитров.
Според него, проширувањето мора да биде врзано со реформи, бидејќи ако се вметне внатре билатерална желботека, се руши целата суштина. По сè што поминавме како народ и нација, додава Димитров, заслужуваме европска преговарачка рамка, процес каде што ќе се натпреваруваме со другите од Западен Балкан, па и со Бугарија во однос на демократијата, слобода на медиумите, економијата...
- Ние имаме еден геополитички момент во Европа каде се зголемува потребата од успех. За да се испорача на Украина и Молдавија, потребно е да се мрднат работите и на Западен Балкан, пред сè, околу нас и околу Албанија. Меѓутоа не може тоа сè на наша глава пак да се удри - земја која најмногу се испатила и се измачила чекорејќи по европскиот пат, вели Димитров.
Прашан од новинарите за неговата работа како вицепремиер, и дали тој чувствува одговорност, Димитров нагласува дека неговиот ангажман се гледа во предлозите што доаѓаа во разговорите за надминување на спорот со Софија додека тој беше шеф на дипломатијата, односно вицепремиер.
- Предлозите не доаѓаат од небо, предлозите некој треба да ги изработи. Каков беше германскиот предлог, каков беше португалскиот предлог, и како за шест месеци од првата недела кога падна нашата нота до ОН, како стигнавме сега до ова дереџе, рече Димитров. вг/са/