• понеделник, 23 декември 2024

Димитров: Меморандумот на Бугарија не е во функција на градење блискост, пријателство и заедничка европска иднина

Димитров: Меморандумот на Бугарија не е во функција на градење блискост, пријателство и заедничка европска иднина
Скопје, 18 септември 2020 (МИА) -  Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров оценува дека Меморандумот на Бугарија во определни делови е многу навредилив и дефинитивно не е во функција на градење на блискост, пријателство и на заедничка европска иднина. -Не можам да кажам дека читајќи го и препрочитувајќи го дека немам проблеми со текстот. Имам големи проблеми, во определени делови е многу навредлив. И дефинитивно не е во функција на градење на блискост, на пријателство, на заедничка европска иднина. Меѓу другото, Бугарија од членот 2 од Договорот за пријателство има обврска и да ни помага во процесот на европска интеграција. Ние почнавме еден многу сложен, но многу благороден процес на заедничко растење и овој тон и определени тврдења не помагаат, прават пречки. Идејата на договорот беше да се создадат механизми како да се решат отворените прашања без притоа тие да станат пречка на европскиот пат, рече Димитров вечерва во интервју за „360 Степени“, прашан дали е изненаден од тонот во документот. Според неговите сознанија, овој документ засега не произведува последици во процедурата која е во тек во ЕУ, односно консултации на земјите членки по текстот на предлог-преговарачката рамка што првично ја подготви Европската комисија. -Во моментов работите одат на линија на принципиелната позиција на ЕК, којашто излезе во македонската јавност, и во однос на македонскиот јазик и во однос на тоа како билатералните прашања се поставени во структурата на идната преговарачка рамка, наведе Димитрив. Сакаме, потенцираше, целосно  да го спроведеме Договорот, бидејќи тој е правната рамка која ја потпишавме и ратификувавме и ние и бугарската страна и којшто е основа да стасаме таму каде што треба да стасаме. -Неколку од тврдењата, позициите во овие документи не се баш на линија на договорот за пријателство, забалежа Димитров дополнувајќи дека пријателството и градењето добри односи се двонасочна улица Треба, вели, да има иницијативи, до декември нема многу време, треба да се сретнуваме, да разговараме, да има обиди низ Комисијата во рамки на тоа што е пристојно да се разговара. Прашан колку е убеден навистина дека до декември ќе се случи првата Меѓувладина конференција истакна дека тоа прашање  не треба да се потценува. -Нема многу време, не е ни дека нема воопшто. Наше е да направиме се што можеме да најдеме начин и Бугарија да биде таа што ќе дигне рака за нашата прва Меѓувладина конференција, рече Димитров. Во однос на тоа дали би прифатил јазикот да биде именуван како македонски јазик со Астерикс согласно Уставот на РСМ, наведе дека заслужуваме нашите соседни комшии да не не стават во ситуација да имаме некаква си фуснота. -Билатералниот договор со Бугарија е целосно реципрочен. Каква е формулацијата за македонскиот јазик, таква е формулацијата и за бугарскиот јазик. И таму вели македонскиот јазик согласно Уставот, тогаш во тоа време на Република Македонија, беше овој договор прв, бугарскиот јазик согласно Уставот на Република Бугарија. Ние, мислам дека не е нескромно и е сосема легитимно да очекуваме од тие што сакаат да бидат блиски со нас од нашите комшии и први соседи како што почнува Крушевскиот манифест – драги комшии, мили соседи, да бараме третман којшто нема да не носи во една непријатна ситуација. Да не бидеме исклучок од правила. Ние заслужуваме нашите соседи и комшии да не не стават во ситуација да имаме некаква си фуснота и во таа смисла македонскиот јазик којшто се разбира е во согласност со Уставот ама е во согласност и со направената кодификација е наша работа, рече Димитров. Нас, дополни, не ни требаат печати од други држави признавања или непризнавања и како што ние не се мешаме во работи што можеби им се свети или многу важни на нашите комшии мислам дека е легитимно да очекуваме ист третман и кон нас. -И затоа ако Бугарија вистина сака да има пријател овде мора да води мудра политика кон нас. И не е мудро да се брчка во душата на некој начин. Значи, наша работа е тоа, наше чувство, наш историски процес и мора да има тука свест од таа страна. Јас сум убеден дека оваа позиција околу македонскиот јазик не само што е директно спротивна на Европа, на европските вредности, туку е директно спротивна на мисијата што ја почнавме заедно, а таа е да бидеме блиски и да гледаме на историјата така за таа да не поврзува и денес, укажа вицепремиерот за европски прашања. Во однос на тоа дали е планирана посета на Софија на владина делегација, рече дека има некоја комуникација, се разговара околу тоа, но се уште нема конкретен датум.  Меѓутоа, вели, важно е да седнеме и да разговараме ако сакаме да одиме каде што треба да одиме. Ќе биде корисна. Според Димитров, политичарите можат да им помогнат на историчарите со тоа што ќе создадат клима каде ќе имаат простор да работат низ некаква пресија, посебна и тензија. -Ние имаме во принцип такви односи со историчарите од Комисијата. Тоа не е хиерархиски однос. Државата не може да им наложи сега вие вака, сега вие така. Можеме да разговараме. И наше е како политика со Софија да го создадеме тој простор. Комисијата имаше девет средби во 18-ина месеци, покри големи историски периоди, периодот на антиката, средновековието и раниот Османлиски период и разговараше за наративите околу пет историски личности многу важни и за македонскиот народ и за бугарскиот народ, па и генерално за двете држави, сега да не зборувам само во етнички контекст иако тој е битен во ова прашање. Споредбено со други комисии, Германија – Франција, Германија – Полска, Германија – Чешка итн., ова апсолутно не е бавно темпо. Работата е, мојата порака кон Софија е дека ние  во добра вера сме апсолутно целосно посветени кон ова прашање на начин и во рамките на Договорот за пријателство, рече Димитров. Во доимплеметацијата на Договорот од Преспа, како што рече, имало извесен застој, дел  како резултат на грчките избори коишто резултираа со промена во составот на двете комисии, а дел  поради КОВИД -19 пандемијата, но најавува оти многу брзо ќе почнат да работат двете комисии. -Има уште задачи  од Договорот од наша страна, има некои задачи и на грчка страна, но гледајќи ја атмосферата и политичката волја мислам дека тој процес ќе тече и доаѓаме до една каква што треба да биде ситуација два соседи коишто споделуваат многу заеднички интереси да се разбираат, да бидат блиски, да се поддржуваат меѓусебно. И што повеќе успееме да произведеме резултати конкретни во овој период, нови гранични премини, инвестиции, договорната рамка, договор за одбегнување на двојно оданочување што е многу битно за грчките инвестиции во нашата Македонија, во Северна Македонија, што повеќе произведеме толку ќе олесни во политичкиот дел, рече вицепремиерот за европски прашања.лв/вј/  

Остани поврзан