• понеделник, 06 мај 2024

Димитриевски: И покрај тоа што водиме позитивна кампања притисоците од власта од ден на ден се зголемуваат

Димитриевски: И покрај тоа што водиме позитивна кампања притисоците од власта од ден на ден се зголемуваат

Скопје, 11 април 2024 (МИА) – Претседателскиот кандидат од движењето ЗНАМ Максим Димитриевски на денешната прес-конференција алармира на притисоци од власта за кои како што рече имале за цел да го оттргнат од целосна посветеност на изборниот процес.

Димитриевски на денешната прес-конференција пред седиштето на движењето „ЗНАМ-За наша Македонија“ во Скопје, рече дека за неполн месец се соочил со две обвиненија, а со притисоци се соочувале и вработени во јавна и државна администрација, како и граѓани од ниски социјални слоеви.

-Тоа се непринципиелни методи, обиди за притисоци од аспект на вработени во јавна и државна администрација, дополнително луѓето од ниските социјални слоеви добиваат непристојни понуди нешто што и во минатото се случувало, а кога станува збор за мене ќе поставам само прашање - Дали имало до сега случај во државата било кој од досегашните претседателски кандидати во неполн еден месец против него да бидат поднесени две обвиненија и да биде повикан двапати пред јавен обвинител и еднаш пред надлежен суд, а следно рочиште е закажано за 30 во текот на кампањата?! Тоа е дополнителен притисок кон мене кој има за цел да ме одврати од намерата во мојата борба заедно со граѓаните да ги смениме нештата во нашата напатена Македонија и дополнително да ми одземе време да не можам да се посветен на изборниот процес и да ја презентирам програмата, појасни тој.

Рече дека и покрај притисоците ќе продолжи и понатаму со позитивната кампања, како и да го дава својот максимум.

-И покрај притисоците јас ќе продолжам да го давам својот максимум, да ја презентирам својата програма во целост пред граѓаните. Успеавме да посетиме голем број на места и градови во државата, сретнавме луѓе кои даваат огромна поддршка на ЗНАМ и на мене како претседателски кандидат. Денеска ќе бидеме тука во Карпош и Центар и ќе оствариме средби со граѓаните. Во таа прилика покрај скромниот промотивен материјал ќе им ја доставиме и нашата предизборна програма, а верувам дека до крајот на кампањата ќе успееме да го посетиме секој дом и да ги увериме граѓаните дека нештата во Македонија можат да бидат поинакви, изјави Димитриевски. свс/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан