• недела, 22 декември 2024

ДИК ги потврди кандидатурите за претседател на државата (ДПЛ)

ДИК ги потврди кандидатурите за претседател на државата (ДПЛ)

Скопје, 21 март 2024 (МИА) – Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница едногласно ги потврди кандидатурите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година поднесени од Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Стевче Јакимовски поддржан од ГРОМ, Максим Димитриевски од партијата ЗНАМ, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди,  Билјана Ванковска Цветковска од Левица, Бујар Османи од ДУИ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски информира дека кандидатите Јакимовски и Таравари во рок од 48 часа треба да доставаат единствен даночен број и трансакциска сметка.

Даштевски соопшти дека сите кандидатски листи за претседател на државата се доставени навремено.

Членот на ДИК, Бобан Стојаноски истакна дека согласно член 160 од Изборниот законик до ДИК било доставено барање за акредитирање на набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР - Канцеларијата за демократски институции и човекови права за 34 акредитации со список на набљудувачи кои уредно се доставени до ДИК за набљудување на изборите за претседател и изборите за пратеници. Членовите на ДИК едногласно го усвоија ова барање.

ДИК го усвои Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за изборите за претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април годинава, започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април. Течат и роковите за подготвување на листите за пратеници. Листите на кандидати за пратеници во Собранието овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК најдоцна до полноќ на 2 април.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан