• среда, 01 јануари 2025

ДИК ги објави првичните резултати од хрватските избори: Милановиќ малку над 50 отсто, Приморац значително заостанува - 20,33 отсто

ДИК ги објави првичните резултати од хрватските избори: Милановиќ малку над 50 отсто, Приморац значително заостанува - 20,33 отсто

Загреб, 29 декември 2024 (МИА) - Државната изборна комисија (ДИК) на Хрватска вечерва ги објави првите неофицијални резултати од обработени над 50 отсто од избирачките места, кои покажуваат дека актуелниот претседател и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, освоил 50,11 отсто, а кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Драган Приморац 20,33 отсто од гласовите.

Ова се првите резултати од ДИК, кои ќе се ажурираат на секои десет минути додека не се обработат сите гласови.

Доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од дадените гласови, двајцата кандидати со најмногу гласови влегуваат во вториот круг.

Според податоците на ДИК, на трето место е независната кандидатка Марија Селак Распудиќ со 8,11 отсто, а зад неа е кандидатот на Можеме - Ивана Кекиќ со 7,28 отсто.

Во меѓувреме беа објавени и конечните резултати од излезните анкети кои покажуваат дека Милановиќ има 50,74 отсто од гласовите, а Приморац 19,04 отсто, со назнака дека е можна статистичка грешка од еден отсто.

Во анализите се проценува дека конечните резултати, односно дали ќе се оди во вториот круг или не, би можеле да се утврдат со гласови од дијаспората, најмногу од БиХ, со оглед на тоа што Милановиќ е речиси 50 отсто, па секој глас ќе биде важен.

Тие гласови не биле вклучени во истражувањето, а според хрватските медиуми, дијаспората е единствената изборна единица во која Милановиќ нема да извојува убедлива победа. паг/

Фото: МИА архива
 

 

 

 

 

Остани поврзан