• недела, 22 декември 2024

ДИЖС со 812 инспекциски надзори во првата половина од годинава, најголема санкција за свињарска фарма поради истекување на отпад

ДИЖС со 812 инспекциски надзори во првата половина од годинава, најголема санкција за свињарска фарма поради истекување на отпад

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) – Вкупно 812 инспекциски надзори од кои се изготвени 166 решенија поради исто толку утврдени неправилности извршил Државниот инспекторат за животна средина во првите шест месеци од годинава. Од иницираните санкции во износ од помалку од 300 илјади евра, најмногу, односно 200 илјади евра, добила свињарска фарма во Гевгелија поради истекување на отпад.

Како што информираше директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски, на денешната презентација на извештајот за периодот јануари-јуни, постапката за свињарска фарма во Гевгелија поради истекување на отпад од дејноста што ја вршат е спроведена пред Комисија за спогодување.

- Правниот субјект е задолжен да изврши инвестициони активности во рок од шест месеци, доколку не го реализира ќе биде наплатена санкцијата, појасни директорот.

Две фирми од тетовско, исто така, добиле санкции бидејќи се движеле со ратрак надвор од предвидените рути. Тие, како што информираше директорот, не прифатиле постапка за спогодување, така што постапката се води пред Основниот суд во Тетово.

Најмногу инспекциски надзори согласно Законот за животна средина 

ДИЖС изминатите шест месеци имале 376 инспекциски надзори согласно Законот за животната средина, Законот за управување со отпад – 206, Законот  за води - 97, Законот за заштита на природата - 75, Законот за управување со пакување и отпад од пакување - 36, Законот за утврдување на цени на водните услуги - 13, Законот за квалитет на амбиенталниот воздух - 6, Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема – 2 и Законот за хемикалии - 1.

Од системот за добивање претставки преку интернет страницата, кој бил дополнет со добивање претставки преку Фејсбук страницата, односно посебна платформа за пријавување-Пријави, во првите 6 месеци од 2024 година биле добиени 45 претставки од граѓани од кои само една се однесувала на надлежност на ДИЖС.

- Во однос на претходниот шестмесечен период бројот на претставките е намален, благодарение на превентивното постапување на инспекторите од Државниот Инспекторат за животна средина во рамки на редовните планирани инспекциски надзори, односно редовното информирање до јавноста преку каналите за информирање за кој вид на проблем каде да се обраќаат, рече Стојковски.

Најчесто, како што дополни, претставките се однесувале на управување со отпад, палење на отпад/стрништа на јавни површини, бучава од угостителски објекти, непријатна миризба од чување домашни животни, атмосферски канал, септичка јама и канализација.

- ДИЖС има постапено по сите претставки со теренски инспекциски надзори, самостојно или координирано со овластен инспектор за животна средина од општините. Претставките пристигнати по Фејсбук Месинџер или Е-пошта/Веб-Пријави, а кои не биле во надлежност на ДИЖС, се препратени до соодветни институции или барателите се упатени каде да се обратат (овластен инспектор за животна средина, овластен комунален инспектор или друг надлежен орган на централно ниво), дополни директорот. 

Директорот на денешната прес-конференција елаборираше и во врска со внатрешната организација и работа на Инспекторатот, при што потенцираше дека старосната структура на инспекторите е проблематична и информираше дека имаат 14 инспектори над 55 години.

- Бројот на испектори за наредните шест месеци ќе се намали за двајца поради пензионирање, најпрво октомври 2024 Скопје и март 2025 Битола (двајца инспектори за животна средина), рече тој. ар/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан