Де Керсмакер: Не е можно решение за Украина без Киев и без ЕУ
- Во сегашниот момент на почетокот на исклучително важниот мировен процес за Украина, факт е дека не е можно решение без Украина и без Европската Унија, порача денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер.

Брисел, 18 февруари 2025 (МИА) - Во сегашниот момент на почетокот на исклучително важниот мировен процес за Украина, факт е дека не е можно решение без Украина и без Европската Унија, порача денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер.
- Мислам дека е многу јасно какво е местото на Украина и Европската Унија во овој процес. Не може да има праведен и траен мир за Украина без Украина и не може да има праведен и траен мир за Украина без ЕУ. Ова е прашање што се однесува на безбедноста на Украина и на Европската унија и со нашите партнерите работиме кон постигнување праведен и траен мир, рече Де Керсмакер, во одговор на прашањето за ставот на ЕУ по однос на пораки дека нема место за Унијата на преговарачката маса за ставање крај на конфликтот во Украина.
Според него, на различните состаноци на кои се говори за Украина во кои учествуваат и претставници на ЕУ, треба да се гледаат како дел од процесот за мировни преговори.
- Ова е тековен процес заедно со нашите партнери и се разбира на крајот резултатите од овие состаноци треба да се соберат, за да видиме како ќе ги движиме работите напред за да ја постигнеме целта на која работиме со Украина и со нашите партнери за да имаме праведен мир, додаде Де Керсмакер.
Тој потенцира дека во објавата по вчерашната средба со дел од европските лидери во Париз, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта се обврзаа на континуирана и стабилна поддршка за Украина се додека не се постигне сеопфатен и траен мир.
- Тие, исто така, изразија подготвеност Украина да се доведе во посилна позиција пред какви било идни преговори и да се создадат услови Украина да добивање силни безбедносни гаранции, рече Де Керсмакер, додавајќи дека во објавата е истакната и подготвеноста за забрзување на процесот за пристапување на Украина во Европската Унија.
Портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер, од своја страна, истакна дека Русија е агресор во Украина и таа мора да плати за она што го направи, а за да се обезбеди тоа потребно зајакнување на украинската позиција.
- Тоа значи повеќе муниција, повеќе оружје, поголема одбрана. Путин го разбира само јазикот на моќта, така што тоа е нешто што ќе треба да го направиме и го правиме заедно. Русија е закана не само во Украина, туку и надвор од Европа, така што треба да ја запреме Русија, додаде Хипер. сп/
Фото: Скриншот