Маневска за МИА: Десет години не биле сменети хепа филтрите на ПЕТ центарот, од понеделник повторно во функција
- Единствениот државен ПЕТ-центар не работи три недели. Министерството за здравство беше информирано дека поради неопходно сервисирање, ќе има застој. Од понеделник веќе сѐ продолжува да си функционира нормално, изјави за МИА директорката на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија, Невена Маневска.

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Единствениот државен ПЕТ-центар не работи три недели. Министерството за здравство беше информирано дека поради неопходно сервисирање, ќе има застој. Од понеделник веќе сѐ продолжува да си функционира нормално, изјави за МИА директорката на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија, Невена Маневска.
- Десет години не беа сменети хепа филтрите во ПЕТ-центарот. Заради нивна презаситеност и затекната нарачка на погрешни филтри, мораше да се набават соодветни со што процесот во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици ќе тече непречено, појасни Маневска за МИА.
Таа вели дека наредниот месец е планирано да се зголеми бројот на прегледи, со цел да не страдаат пациентите. Здравствениот персонал веќе бил информиран за тоа.
- Го начекав ПЕТ-скенот со 700 пациенти на листа на чекање. Откако сум на функција, двојно се зголемени термините. Благодарение и на кадарот, намалена е листата на чекање за преглед. Правам сѐ за да се намали листата на пациенти кои чекаат за преглед, нагласи Маневска.
Од Министерството за здравство за МИА изјавија дека станува збор за редовен сервис за промена на хепа филтрите што покажале заситеност и без кои процесот не може да тече, а за „секоја промена законски мора да се направи реквалификација на чистите соби во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици, а истовремено оваа процедура е неопходна за воведување нова метода во интерес на пациентите со цел зајакнување на дејноста“.
- Од страна на новото раководство на ПЕТ-центарот, веднаш е направен и нов динамичен план за надминување на затекнатиот проблем со листи на чекање во оваа установа. Сега листите на чекање се двојно намалени за разлика од претходно, се наведува во писмениот одговор на прашањата на МИА.
Претходно, од СДСМ реагираа дека еден месец не функционира единствениот државен ПЕТ-скенер.
- Поради ова, пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање. Наместо соодветен третман во јавното здравство, тие се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се екстремно високи, или во здравствени установи во регионот, што дополнително го зголемува нивниот финансиски и психолошки товар, реагираа од СДСМ.
СДСМ побара одговорност од директорката Маневска и од министерот за здравство Арбен Таравари. бд/бак/
Фото: МИА архива