• понеделник, 23 декември 2024

Детектор: Македонските граѓани сакаат членство во ЕУ, но не по цена на Бугари во Уставот

Детектор: Македонските граѓани сакаат членство во ЕУ, но не по цена на Бугари во Уставот

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - Македонските граѓани поддржуваат членство во ЕУ но не по цена на внесување на Бугарите во Уставот, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања, Скопје.

Според него, доколку утре има референдум 60,2 отсто од граѓаните ќе гласаат за членство во ЕУ додека 28,7 отсто  би гласале против.

Интересно е што анкетата оваа година покажува најголем број на граѓани кои би гласале против. Ова прашање го поставуваме веќе четврти пат во последните пет години. Ако во 2019 против биле само 17,3 отсто, денеска таа бројка порасна до 28,7 отсто.

- Најголем дел од граѓаните или 31,7 отсто сметаат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ. 18,1 отсто очекуваат тоа да се случи во следните пет години, 15,9 отсто во следните 10, а 14,8 отсто очекуваат влез во ЕУ во следните 15 години, покажува истражувањето.

Сепак, како што се посочува, повеќе од две третини од граѓаните се подготвени да го жртвуваат членството во ЕУ доколку до таму единствениот пат е внесување на Бугарите во Уставот.

- Дури 69,5 отсто од анкетираните сметаат дека новата Влада не треба да прифати внесување на Бугарите во Уставот дури и по цена на одложување на почетокот на преговорите со Европската Унија. Во спротивното, убедени се 21 отсто од анкетираните, се наведува истражувањето.

Во таква ситуација, очекувано, 55,7 отсто од граѓаните велат дека се против преговарачката рамка договорена со францускиот предлог а поддршка даваат 28,1 отсто.

-Значителни се разликите по ова прашање меѓу Македонците и етничките Албанци. Додека 63,5 отсто Македонци се против преговарачката рамка а поддршка даваат само 11,6 отсто, кај етничките Албанци ситуацијата се спротивна. 55,9 отсто од етничките Албанци даваат поддршка на преговарачката рамка креирана според францускиот предлог додека 22,7 отсто се против, покажува истражувањето.

Големо мнозинство граѓани или 60,3 отсто велат дека се добро запознаени со францускиот предлог кој ја дефинира преговарачката рамка додека 37,6 посто велат дека не се. Етничките Албанците се сметаат за позапознаени со францускиот предлог од Македонците. Дури 66,4 отсто етнички Албанци и 58,6 проценти Македонци сметаат дека се запознаени со францускиот предлог.

Во таква ситуација, како што покажува истражувањето, 54 отсто од граѓаните сметаат дека оваа преговарачка рамка ја става државава во потчинета положба и претставува вовед во бугаризација на земјата додека 19,2 отсто сметаат дека преговарачката рамка ги зема предвид повеќето од македонските барања и го гарантира македонскиот идентитет, бројки, кои се слични со оние од ланската анкета со благ раст на противниците на преговарачката рамка.

-Според етничката структура на оние кои одговарале на прашањата, повторно големи се разликите меѓу Македонците и етничките Албанци. Кај Македонците 64 отсто сметаат дека рамката ја става Македонија во потчинета положува и е вовед во бугаризација додека кај етничките Албанци ваков став делат само 18,2 отсто додека 44,1 отсто од анкетираните сметаат дека рамката ги зема предвид повеќето македонски барања и го гарантира македонскиот идентитет. Близу половина од граѓаните или 49,1 отсто сметаат дека преговарачката рамка може да биде променета додека 28,3 проценти сметаат дека тоа не може да се случи. Споредбата со анкетата од лани покажува значителен раст на бројот на граѓани кои во моментов сметаат дека рамката може да се промени. Ако лани во промена на рамката верувале 37,1 отсто од граѓаните денеска тој процент скокнал на 49,1 проценти, покажува истражувањето.

Според анкетата дополнителни гаранции од ЕУ за мнозинството граѓани не се прифатливи како услов за промена на Уставот.

- Од анкетираните 47,1 отсто велат дека не би прифатиле да се смени Уставот и да продолжат преговорите доколку Македонија би добила дополнителни гаранции додека за 42,1 отсто од граѓаните тоа би било прифатливо Граѓаните се поделени за прашањето дали со новата Влада ќе се надмине спорот со Бугарија и ќе почнат преговорите со ЕУ. 42 проценти сметаат дека ќе се надмине додека 43,8 отсто сметаат дека тоа нема да се случи. Најголемиот дел од граѓаните или 37,7 отсто сметаат дека спорот со Бугарија нема да се надмине. 22,7 проценти сметаат дека тоа ќе се случи во следните четири години, 17 отсто следната година а само 4,2 проценти се на ставот дека спорот ќе се надмине до крајот на оваа година, покажува истражувањето.

Анкетата по нарачка на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје врз репрезентативен примерок од 1030 испитаници во периодот од 7 до 11 јуни. дма/ац/

Фото: Миа архива

Остани поврзан