• петок, 15 ноември 2024

Деспотовски: Во зоните има позитивен тренд, со дополнителни активности ќе го поттикнеме да продолжи

Деспотовски: Во зоните има позитивен тренд, со дополнителни активности ќе го поттикнеме да продолжи
Скопје, 9 април 2021 (МИА) - Во технолошко-индустриските развојни зони во првите три месеци од годинава имаме позитивни движења, позитивен тренд и со наши мерки и дополнителни активности ќе го поттикнуваме тој тренд да продолжи и понатаму и да ни помогне во креирање на дополнителни мерки за поддршка за развој во овој значаен сегмент на националната економија. Компаниите имаат позитивни економски резултати стабилен број на вработени и раст на платите од два отсто, како и зголемена уплата во државниот буџет, покажува првичната годишна анализа за 2020 година на ТИРЗ, порача денеска директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски. - Извозната активност во зоните во јануари 2021 година во споредба со јануари 2020 година е зголемена за околу 34 проценти, а за февруари годинава е поголема за 17 проценти во споредба со истиот месец лани, а трендот на пораст на економската активност на компаниите и на зголемување на извозот продолжува и во март, оцени Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата на која ги презентираше економските движења во зоните за 2020 година. Како што истакна Деспотовски, бројот на работни места во зоните е стабилен и во 2020 година три компании го задржале истиот број на вработени, 18 регистрирале зголемен број, а девет го намалиле бројот на вработени. Просечниот број на вработени во зоните во периодот јануари - декември 2020 година е незначително помал во споредба со истиот период од 2019 година, но доколку се споредат бројките вкупниот број на вработени во декември 2020 година е поголем за 0,65 отсто отколку во декември 2019 година. - Со наша зголемена активност ќе се обидеме да реализираме уште 7.500 нови работни места за неколку години кај постојните инвеститори без да ги земаме во предвид новите инвеститори со кои разговараме, рече Деспотовски. Тој посочи дека има тренд на пораст на бруто и нето просечната плата во зоните во последните три години и во споредба со 2018 година, како што рече бруто платата во зоните е зголемена за 12,7 отсто, а нето платата за 5,5 отсто. Во 2019 порастот на бруто платата е 5,4 отсто, а нето платата во 2020 година во услови на пандемија и при стабилен број на вработени пораснала за 1,8 отсто. Деспотовски нагласи дека целта му е растот на платите да продолжи и да биде поинтензивен. Во изминатите три години, додаде тој, просечната бруто плата во зоните е повисока во однос на просекот во преработувачката индустрија, но е помала од просекот на ниво на цела економија. Според него, целта е просечната плата во зоните да биде над просечната плата во државата. - Затоа веќе работиме на привлекување на инвеститори со повисока додадена вредност и за повеќе сектори освен автомобилскиот кој доминира во зоната. Веќе разговараме со неколку компании од фармацевтската индустрија и со други сектори за кои сметаме дека дополнително ќе придонесат за засилување на интензитетот на растот на платите. Покрај тоа нема да даваме средства само за поттикнување на отворање на работни места, туку реализацијата на државната поддршка за креирање на работни места ќе ја поврземе со процентот на раст на плати на ниво на правниот субјект во наредниот период , посочи Деспотовски Во зоните 48 отсто од компаниите, рече директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, регистрираат раст на приходите во 2020 година, 52 проценти пад, а како вкупен обем на приходи падот е 9,4 проценти. - Во однос на 2019 година вкупните приходи во 2020 година се околу 135 милијарди денари. Во зоните 47 отсто од компаниите работат со добивка, а 53 со загуба. При тоа во нив влегуваат и компаниите кои заради засилен инвестициски циклус реализираат поголеми капитални издатоци. Од компаниите 10 работеле со намалување на добивката, четири имаат пораст на добивката, прецизира Деспотовски. Во однос на 2019 година, како што багласи тој, во 2020 година има намалување на стапката на добивка. - Во 2019 била на ниво од 4,06, а во 2020 е околу три проценти.  Вкупната добивка е четири милијарди денари и е за околу 40 отсто помала до во 2019 година кога беше шест милијарди денари. Тоа е вкупниот ефект од работењето на компаниите во ТИРЗ и тие што работат со добивка и со загуба. Сепак во делот на уплатите во Буџетот во 2020 година има намалување во делот на данокот на добивка, но има раст кај придонесите заради растот на просечната плата и порастот на бројот на вработени и има раст во делот на надоместоци од плата, рече Деспотовски и посочи дека ефектите врз Буџетот се позитивни  и во услови кога компаниите во зоните работат со намалена добивка. Вкупните уплати во Буџетот, истакна тој, се минимално намалени во однос на 2019 година и достигнуваат ниво од речиси 40 милиони евра. Ако се спореди со она што државата го дава како поддршка за компаниите во зоните како државна помош во сегментот на ослободување од даноци и она што се исплаќа како пари има пораст во однос на 2019 година и изнесува околу 21 милион евра. Во 2018 година уплатите во Буџетот од зоните биле поголеми за 56 проценти, 2019 за 112 проценти, а во 2020 година за 90 проценти во однос на исплатите од буџетот. - Како нето ефект во државниот Буџет за 2020 година останале 30 милиони евра како разлика од она што е приходувано од компаниите во зоните и она што е реално исплатено како државна поддршка, што е за речиси четири милиони евра разлика во споредба со 2019 година. Во наредниот период ќе настојуваме преку носење инвеститори со поголема додадена вредност да го зголемиме овој позитивен ефект врз Буџетот, потенцира Деспотовски. вј/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан