• вторник, 05 ноември 2024

Десет тимови од државава ќе развиваат идеи за заштита на земјата од климатските промени

Десет тимови од државава ќе развиваат идеи за заштита на земјата од климатските промени
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Млади од 16 до 24 години, претстојниов викенд ќе работат на усовршување на своите идеи, како преку користење на дигиталната технологија да помогнат во заштита на животната средина, на национално и глобално ниво. Во рамки на младинскиот предизвик GENERATION UNLIMITED – „ГЕНЕРАЦИЈА БЕЗ ГРАНИЦИ“ 2022 избрани се десетте тимови кои имаат првични идеи за заштита на планетата Земја од климатските промени преку користење на дигиталните технологии. Станува збор за предизвик, организиран од УНИЦЕФ, во соработка со Фондацијата Телеком за Македонија, а оваа година реализиран од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21. Претставниците на БЛИНК 42 – 21 спроведоа информативна кампања, при што беа пристигнати 39 апликации – идеи за овој предизвик, а пријавени 127 млади, од повеќе градови, на возраст од 16 до 24 години Членовите на избраните 10 тимови на претстојната тридневна работилница (boot camp), која ќе се одржи од 24 до 26 јуни, во просториите на Телеком, ќе имаат можност да работат на унапредување на своите првични идеи. Нивните предлог – решенија ќе бидат доусовршени со поддршка од ментори – стручни лица во делот на климатските промени, животната средина и информатичката технологија. Младите ќе имаат можност да научат како да развијат идеја, да креираат буџет и финансиски план за нејзина реализација, технички да биде дефинирана, но и одржлива на среден и долг рок. Менторите ќе ги насочат учесниците и во креирањето на маркетинг план, со цел дополнителна промоција на нивните финални решенија. Од десетте тимови, пет ќе поминат во следната фаза, а две идеи ќе бидат избрани за да ја претставуваат Македонија на глобалниот предизвик Generation Unlimited. лв/сп/

Остани поврзан