Дербито Вардар – Силекс го затвора 11.коло во ПМФЛ
- Со два натпревари попладнево ќе биде комплетирано 11. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) во кои Вардар во дербито го пречекува Силекс, додека Шкендија му гостува на АП Брера во Струмица.
Скопје, 31 октомври 2025 (МИА) – Со два натпревари попладнево ќе биде комплетирано 11. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) во кои Вардар во дербито го пречекува Силекс, додека Шкендија му гостува на АП Брера во Струмица.
Дефанзивецот на Вардар Филип Најдовски најави дека победа над Силекс е императив во таборот на „црвено – црните“ кои со три бодови ќе се вратат на чело на табелата.
„Ние веруваме во нашата способност да одиме на победа на секој меч. Тоа значи и за овој против Силекс. Респект за противникот, одлично ја стартуваше сезоната, но ова е Вардар. Ние, сите коишто сме дел од клубот во моментов мора да ни е јасно дека овој тим на секој меч мора да оди на победа и дека титулите и пехарите овде мора да се константа. Победата ќе ни го остави првото место на табелата во наши раце, нешто што е примарна цел секако“, изјави Најдовски.
Од друга страна, стратегот на Силекс, Александар Васоски, очекува интересно и квалитетно дерби, кое е закажано за попладнево со почеток во 17 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„Ние на овој натпревар влегуваме во позитивна серија, исто и Вардар, и очекувам да биде интересен и квалитетен натпревар. Се враќа старото дерби, двата тима сега се во борба за врвот. Добро се познаваме меѓусебно. И Силекс и Вардар имаат квалитет, и заслужено се во горниот дел на табелата. Очекуваме тежок натпревар, во кој мораме да се надминеме себе си за позитивен резултат. Психолошки и физички сме подготвени за овој предизвик, и сметам дека ако бидеме на нивото и ако имаме добар ден, можеме да го изненадиме Вардар“, рече тренерот Васоски.
ПМФЛ – 11 коло:
Вардар – Силекс (17 часот)
АП Брера – Шкендија (13:30 часот)
Пелистер – Тиквеш 0-0 (четврток)
Шкупи – Струга 1-2 (четврток)
Арсими – Работнички 2-2 (среда)
Македонија ЃП – Башкими 1-1 (среда)
Табела: Струга 26, Вардар 24 (-1), Силекс 21 (-1), Шкендија 21 (-1), Башкими 19, АП Брера 15 (-1), Македонија ЃП 14, Арсими 12, Тиквеш 9, Пелистер 8, Работнички 7, Шкупи 1. ег
ФОТО: ФФМ