• петок, 05 декември 2025

Денот на ослободувањето на Тетово одбележан пред Споменикот на револуцијата

Денот на ослободувањето на Тетово одбележан пред Споменикот на револуцијата

Тетово, 19 ноември 2025 (МИА) – Ослободувањето на Тетово од фашистичката окупација во Втората светска војна на 19 ноември 1944 година денеска беше одбележано со оддавање на почит на загинатите борци пред Споменикот на победата (револуцијата) во Тетово.

Чествувањето почна со интонирање на химната, почесна стрелба и минута молчење во организација на Општинската организација на Сојузот на борци Тетово од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, како и тетовската касарна „Кузман Јосифоски-Питу“.

Следуваше историски час, со читање на поетската творба на Владо Серафимовски „О земјо Македонијо“, како и реферат за значењето на датумот, подготвен од професор по историја, Љубиша Марковиќ од ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“.

- Овој ден е симбол на храброста, решителноста и љубовта кон татковината. Тетово беше ослободено од фашистичка окупација, а тетовци го почувствуваа здивот на слободата. Но слободата не дојде лесно. Таа беше платена со највисока цена со животите на многу борци кои веруваа во идеалот за слободна татковина. Тие размислуваа за лична корист, туку за иднината на своите потомци, за иднината што ние денес ја живееме. На 19 ноември 1944 Тетово ја запиша својата најславна страница како последно ослободен град во Македонија, беше истакнато во рефератот.

Пред Споменикот на Револуцијата цвеќе положија претставници на општинските организации на Сојуз на борци од Тетово и Гостивар, касарна „Кузман Јосифоски-Питу“, СВР Тетово, Музеј на тетовски крај, Организација на резервни офицери, политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, како и ученици од тетовските основни училишта.

Вчера Денот на ослободувањето се одбележа и со свеченост под слоганот „Победа која се памети – Слобода која се чува“ на која беа доделени признанија 19 Ноември за животно дело, како и за особен придонес и трајни вредности во одредена област, а имаше музичко-сценски настапи.ас/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан