• четврток, 10 октомври 2024

Денвер се откажа од тројца кошаркари пред почетокот на сезоната во НБА

Денвер се откажа од тројца кошаркари пред почетокот на сезоната во НБА

Денвер, 9 октомври 2024 (МИА) - Како што се наближува почетокот на новата сезона во НБА, екипите полека ја расчистуваат ситуацијата со ростерите и прават избор кој ќе остане во тимот и кој заминува, па така денес ги добивме имињата на тројца играчи од Денвер кои нема да бидат во составот на Мајк Мелоун за следната сезона.

Се работи за играчи кои се бореа за место меѓу 15-те кошаркари кои би добиле загарантирани договори или три позиции по кои би следеле двонасочни договори, односно Гејб Меглотан, Џејлин Вилијамс и Џамир Јанг.

Оваа одлука и не е премногу изненадувачка, особено ако се земат предвид нивните минутажи во изминатите две средби со Бостон Селтикс. Впечаток е дека само Јанг успеа да го убеди Мелоун во својот квалитет, бидејќи на тие два меча собра 22 минути во Абу Даби и постигна вкупно 12 поени. Од друга страна, Вилијамс воопшто не влезе на паркетот, додека Гејб забележа само четири секунди на теренот.

Бидејќи имаа потпишано краткорочни договори, нивното заминување нема да ги чини премногу Нагетс, а останува прашањето дали ќе добијат шанса во огранокот на франшизата од Колорадо и дали патот до големата сцена ќе биде преку развојната лига, или ќе се обидат за друг тим. Засега само Јанг се очекува да добие продолжување на договорот, кој го следи лош глас кога се во прашање неговите проценти за шутирање три поени.

Од друга страна, според американските медиуми, Нагетс го следат развојот на ситуацијата со Чарлс Бедиак, кој треба да добие краткорочен договор во Денвер. Тоа е центар од Канада висок 2,13 м. Минатата сезона играше во филијалата на Сан Антонио, но не можеше да се избори за позиција кај Грег Попович поради повреда и воопшто силната конкуренција под обрачите. дс

Фото: Принтскрин

Тагови

Остани поврзан