Демонстрантите во Истанбул петта ноќ по ред протестираа против апсењето на градоначалникот Имамоглу
- Демонстрантите кои се противат на апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, петта ноќ по ред одржваа протести во тој град, во Измир и турскиот главен град Анкара.

Истанбул, 24 март 2025 (МИА) – Демонстрантите кои се противат на апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, петта ноќ по ред одржваа протести во тој град, во Измир и турскиот главен град Анкара.
Некои учесници на протестот нападнаа полицајци, а во Анкара полицаец беше повреден во напад на маскирани лица.
Полицијата пукаше со гумени куршуми кон демонстрантите, јави ТРТ Хабер.
Организатор на протестите е главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).
Имамоглу од притвор ги повика турските граѓани да одржат масовни демонстрации низ целата земја бидејќи е принуден во затвор да чека да почне неговото судење.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Имамоглу е сменет од функцијата откако бил уапсен под обвинение за корупција и тероризам.
Градскиот совет на Истанбул, каде што ЦХП има мнозинство, се очекува да избере вршител на должноста градоначалник во наредните денови.
Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противкандидат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори.
Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но тој ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамислива клевета“.
Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, наведувајќи дека судството е независно.
Имамоглу (54), кој според некои анкети има поголема поддршка од јавноста од Ердоган, требаше да биде именуван за официјален кандидат на ЦХП на претстојните претседателски избори. јт/
Фото: ЕПА