• четврток, 26 март 2026

Делегациите на Русија и Украина во палатата Чираган, се очекува почеток на преговорите

Делегациите на Русија и Украина во палатата Чираган, се очекува почеток на преговорите

Истанбул, 23 јули 2025 (МИА) – Украинската и руската делегација пристигнаа во истанбулската палата Чираган за третата рунда преговори, пренесе Укринформ.

Прво пристигна руската делегација, а по неколку минути пристигна и украинската делегација.

Во палатата присутни се и турски функционери. Во моментов во тек е подготвителен состанок на украинската делегација.

Засега не е познато колку долго ќе траат преговорите.

Приоритетно прашање на дневен ред на украинската делегација на преговорите со руската страна во Истанбул ќе биде можноста за идна средба меѓу претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, пренесе агенцијата.

- Главна тема на разговорите е можната средба на лидерите. А за Украина тоа е најприоритетно и најважно прашање. Затоа што јасно ни е дека на таква средба ќе бидат преземени навистина сериозни чекори кон мир, рекол извор за Укринформ.

Тој, исто така, информирал дека украинската делегација на преговорите во Турција е фокусирана на „три главни работи“ кои вклучуваат продолжување на размената на заробеници и враќање на децата, целосен и траен прекин на огнот и средба на лидерите на двете земји.

- Нашиот став е конструктивен, а сè ќе зависи од тоа дали Русија престана да зборува со јазикот на ултиматуми и дали е подготвена да заземе конструктивен став и дали е подготвена за истите работи за кои е подготвена Украина, нагласил претставникот на украинскиот преговарачки тим.

Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, кој ја предводи украинската делегација во третата рунда преговори со Русија, претходно во Анкара се сретна со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

За време на состанокот, на кој присуствуваше и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, биле координирани ставовите пред преговорите со руската страна.

Тие разговарале и за безбедносната ситуација и соработката во одбранбениот сектор.

Украинските претставници, исто така, се сретнаа со турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан и високиот советник на претседателот на Турција, Акиф Чагатај Килич. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан