• понеделник, 23 декември 2024

Дела на Прокопиев, Лафазановски и Трајкоски објавени во Албанија

Дела на Прокопиев, Лафазановски и Трајкоски објавени во Албанија
Скопје, 14 јануари 2022 (МИА) - Во издание на албанската издавачка куќа „Фан Ноли“ од Тирана, деновиве излегоа од печат преводите на книгите „Човечулец“ на Александар Прокопиев и „Храпешко“ на Ермис Лафазановски. Книгата „Човечулец: Бајки од левиот џеб“ оригинално е издадена од „Магор“ во 2011 година, а во 2012 година ја доби книжевната награда „Балканика“. Преводот на албански го направи Џими Лазри. -Бајките за возрасни се тест на зрелоста, прифаќање на вечните вредности надвор од светот на егоизмот, заблуденоста и заглупеноста. Го отсликуваат животот во неговата бескрајна непредвидливост, во реалноста и фантазиите, сонот и јавето. Секој треба да го открие својот пат кон сопственото значење, откривајќи го повторно, на зрел начин, значењето на љубовта, моќта на доброто, како и уживањето во вечната игра на креативноста. „Човечулец“ е веќе објавена на: англиски, српски, полски, турски, хрватски, арапски јазик, соопштија од „Прозарт Медиа“. „Храпешко“ на Ермис Лафазановски беше претставник на нашата држава за наградата „Балканика“ во 2006 година, а веќе е преведен на хрватски, словенечки, српски и на француски јазик. Преводот на албански го направи Џемиле Зукај. Авторот раскажува за згодите и незгодите на главниот лик Храпешко, за умешноста на создавањето и преживувањето, за копнежите и соништата, за животната енергија и љубовта, за животот во татковината и во странство. Минатата година во издание на „Фан Ноли“ излезе и романот „Неверство“ на Дејан Трајкоски. Вториот роман на Трајкоски е објавен во 2014 година, а досега е преведен на англиски, ерменски, арапски јазик, српски и на бугарски јазик. бт/бак/

Остани поврзан