• понеделник, 16 септември 2024

Дежуловиќ: Сатирата во суштина е ширење лажни вести за да се каже вистината

Дежуловиќ: Сатирата во суштина е ширење лажни вести за да се каже вистината

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Со претставување на дел од творештвото и разговор со двајца автори, искусни новинари, уредници и колумнисти синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје започна 12. Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје.

На првата фестивалската вечер публиката имаше задоволство да ја истражи динамиката на Борис Дежуловиќ од Хрватска и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски, чие творештво се движи во истите новинарско-авторски води, но со различни пристапи и сензибилитет. На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Поради здравствени причини, најавената авторка од Бугарија, Рене Карабаш не можеше да присуствува на отворањето, информираат од „Прозарт Медиа“ кои се организатори на настанот. 

Тие додаваат дека Борис Дежуловиќ, некогашен соборец на Предраг Луциќ во „Ферал Трибјун“, веќе дваесет години е колумнист во хрватските неделници и дневни весници. Со своите колумни со години, велат, отвора значајни и чувствителни теми за хрватското општество поради што неговата работа многупати беше напаѓана и критикувана. За Хрватска денес вели дека кога ќе се гребне под површината излегува смрдлив гној кој не е излечен уште од 90-те години. 

- Хрватска лично за мене денес е полоша од тоа што беше во 90-те. Кога веќе зборуваме за поделбата на ваши и наши јас никогаш не се согласив да бидам наш, уште во Југославија, а камоли во Хрватска. Тој нашизам е всушност новиот фашизам. Сите наши нации се „нашистички“ нации оти сите го гледаме само нашето. „Како некој не е наш“, односно ваш. Во време на црните 90-те, во екот на војната, никогаш не сум имал проблем да шетам по Сплит, никогаш не сум имал никаква непријатност иако како редакција на „Ферал Трибјун“ сме доживувале најлоши работи. Денес по 30 години секој кретен во Сплит има потреба да задева, да потфрла и фала Богу не сме стигнале до тоа физички да ме напаѓа. Но, таа атмосфера во општеството е неспоредливо полоша. Јас побегнав од Сплит, зашто тоа е смртоносна комбинација на два најголеми ужаси на мојот живот, а тоа се фашизмот и туризмот. Е, во Сплит тие две се споија во комбинација од која морав да побегнам. Јас го сакам Сплит најмногу на светот, но за жал, тој веќе не е мојот град, истакнал Дежуловиќ.

Лафазановски пак, рекол дека тоа што го одликува како автор сите овие години е сатирата, црната сатира, иронијата, на што Дежуловиќ истакнал оти „човештвото во таа смисла е во трајна криза. Не постои, ниту било, ниту ќе биде, совршено општество кое не би било подложно на сатира и нема да постои“. 

Дежуловиќ раскажа и за тоа како завршиле на суд во поранешна Југославија под обвинение за ширење лажни вести. Тогаш судијата донел ослободителна пресуда и во обраќањето на јавниот обвинител му рекол „вие малку сте се зезнале, сатирата по дефиниција е ширење лажни вести“.

-Сатирата е ширење лажни вести како би се кажала вистината. Еве веќе 30 години како тоа го работам и се влечам по судови, додаде Дежуловиќ. 

Sвездан Георгиевски, пак, истакнуваат организаторите, и е добро познат на домашната публика како новинар во повеќе редакции и основач на наградата „Роман на годината“. Од својот деби роман во 2016, објавува и книги есеи, раскази, повторно роман и последната книга записи „Базирано врз речиси вистинити настани“, објавена годинава во издание на „Бегемот“.

- Никогаш не сум се доживувал како литерат или како писател. Сите знаеме каква е состојбата во македонското новинарство. После децении работа успеав да останам без професионален новинарски ангажман. Не знаев да поправам бојлер, да правам маси, да работам што било друго. Единствено што умеам е со зборови, рече Георгиевски како почнал да пишува и како тој процес му се допаднал, па продолжил да пишува понатаму и да се изненадува себеси не водејќи сметка дали понатаму ќе излезе како книга. 

Георгиевски истакна дека никогаш не работел во политичка рубрика и како сектор никогаш не водел литература. 

-Новинарите од културните рубрики се многу поприемчливи за колумни. Новинар од културна рубрика може да напише спортски текст, новинар од спортска рубрика тешко може да напише текст од култура. Уредник од културна рубрика може да биде уредник и на политичка и на економска и на целиот весник, новинар од економска не може да биде уредник на културна..., дополни Георгиевски. 

Денеска, на програмата на фестивалот се неколку настани. Во 13.30 часот во Бугарскиот културно-информативен центар ќе се одржи традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Вечерва, пак, од 20 часот, во „Јуроп хаус Скопје“ ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како форма на отпор“, на која ќе учествуваат гостите писатели, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Претходно, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи средба на деца со словенечката писателка на книги за деца и адолесценти, Мајда Корен.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Организатор на фестивалот „Про-За Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на фестивалот се Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Амбасадата на Србија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, КУД „Содобност“, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Амбасада на Грција, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Стоби Винарија, СПОНА, Умно.мк и „Метрика Култура“. сст/цр

Фото: Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ 

Остани поврзан