• недела, 22 декември 2024

„Дедо мраз на мотор“ по 16-ти пат во Куманово

„Дедо мраз на мотор“ по 16-ти пат во Куманово

Куманово, 22 декември 2023 (МИА) - Мотоклуб „Мечки“ Куманово денеска по 16-ти пат пред платото на НУЦК „Трајко Прокопиев“ ја организираше манифестацијата „Дедо Мраз“ на мотор. Околу 30-тина моторџии од Куманово, Скопје и Свети Николе поделија слатки и пакетчиња за најмладите кои имаа можност да се фотографираат со Дедо Мраз на мотор и да уживаат во оваа манифестација, која е една од најпосетуваните во претпразничниот период.

- Поради временските услови оваа година манифестацијата место на градски улици ја организиравме пред Центарот за култура и благодарни сме на поддршката од нивна страна. Ова е веќе 16-та манифестација која ја подготвувавме неколку месеци. За наредната планираме да биде уште поуспешна, изјави Виктор Михајловски од мотоклуб „Мечки“.

Годинава како и претходните членовите на мотоклубот однесоа подароци-бела техника за Дневниот центар за деца со попреченост, кој функционира под Центарот за социјални работи Куманово.

Донациите се собрани од членовите на мотоклубот, како и од бизнис заедницата, пријатели, кумановци.

-Донациите секогаш се реализираат во консултација со нас и не се случуваат само пред новогодишните празници, туку редовно во текот на целата година. Имаме верни пријатели од кои секогаш може да побараме помош, благодарни сме им за нивното пријателство, изјави Сандра Крстевска Саревска, дефектолог во Дневниот центар за лица со попреченост.

Во Центарот услугите ги користат 22 корисници со различна попреченост, од умерена, тешка и комбинирана попреченост.

Изминативе години кумановскиот мотоклуб заедно со нивните пријатели моторџии од Европа донираше медицинска опрема и материјали за Кумановската болница, за Домот за стари лица „Зафир Сајто“.

Најмладите кумановци добија подароци и уживаа во звуците на моторите при прошетка низ кумановските улици. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан