• вторник, 30 април 2024

Деветти Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во Солун

Деветти Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во Солун

Брисел, 12 октомври 2023 (МИА) – Во организација на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ) на 19 и 20 октомври во Солун ќе се одржи 9-ти Форум на граѓанското општество на Западен Балкан

ЕЕСЦ го организира Форумот во соработка со Европската комисија, Европската фондација за обука (ЕТФ), Советот за регионална соработка (РЦЦ) и Европски центар за развој на стручното образование (ЦЕДЕФОП), на истото место каде што пред 20 години беше реафирмирана перспективата на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ. 

Како што соопшти организаторот Форумот ќе претставува важен чекор кон отворање на вратите на ЕУ за Западен Балкан, следејќи ја историската одлука на ЕЕСЦ да ги вклучи земјите кандидати за членство во своите активности од 2024 година под називот „членки кандидати за проширување“.  

- Дискусиите и декларацијата што ќе биде усвоена на крајот на настанот, ќе се надоврзат на пакетот за проширување на Европската комисија, кој се очекува во ноември, како и на Самитот ЕУ-Западен Балкан во декември, се додава во соопштението. 

Според најавите, на Форумот ќе учествуваат повеќе високи претставници, меѓу кои и претседателот на ЕЕСЦ, Оливер Ропке, потпретседателката на Европската комисија за демократија и демографија Дубравка Шуица и генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу, како и претставници на граѓанското општество од регионот на Западен Балкан.  

Заинтересираните медиуми за следење на настанот може да се акредитираат најдоцна до 16 октомври преку е-пошта: Katarzyna.Novak@eesc.europa.eu и Amalia.Tsoumani@eesc.europa.eu. сп/

Фото: Европскиот економски и социјален комитет

Остани поврзан