• петок, 22 ноември 2024

Дебата: Најголемиот родов јаз се уште во политичкиот живот, пандемијата само ги нагласи родовите разлики

Дебата: Најголемиот родов јаз се уште во политичкиот живот, пандемијата само ги нагласи родовите разлики
Скопје, 8 април 2021 (МИА) – Се додека говориме за воспоставување родова еднаквост, значи не сме ја постигнале. Резултатите од акциските планови за родова еднаквост што побрзо да бидат видливи и претстои сериозна работа и битка со родовите стереотипи, со предрасудите, со инфериорната улога на жената во општеството. Најголемиот родов јаз се уште останува во политичкиот живот, а ковид-кризата само ја нагласи родовата нееднаквост. Ова беа дел од заклучоците од онлајн дебатата „Предизвиците за родовата еднаквост во процесот на носење одлуки“, чија цел е да се зајакне вклученоста на жените во политичкото одлучување. Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека оваа дебата е одлична можност за Владата и за граѓанскиот сектор да се усогласат околу конкретни чекори за натамошно унапредување на родовата рамноправност. -Принципот на рамноправност меѓу жените и мажите е основно човеково право и заедничка вредност во ЕУ и води се до Договорот од Рим, каде што се дадени основните правни аспекти на ова, што доведе во 2010 во Повелбата за жените, родовата перспектива ја прави дел од сите европски политики, рече Гир. Сегашната политика, додаде тој, се води според новата Агенда за еднаквост на ЕУ, со која се настојува да се постигне заедништво на еднаквоста до 2025 година каде што жените и мажите, девојчињата и момчињата во сета своја разновидност да имаат слобода да го следат изборот во својот живот и подеднакво да учествуваа во општеството. -Северна Македонија направи важни чекори преку Агендата и воведувањето на квотата во Парламентот за постигнување на 40 процентно учество на жените. Денешниот настан испраќа силна порака да стане реалност родовата рамноправност и заедничката акција на Владата и граѓанскиот сектор што се неопходни за мобилизирање на целосниот потенцијал на жените, при што Северна Македонија и Европа во целина ќе станат попросперитетно место каде што жените ќе бидат рамноправни членови, додаде евроамбасадорот. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека се додека говориме за воспоставување родова еднаквост, значи не сме ја постигнале. -Значи општеството не го воспоставило оној баланс што природата успеала да го воспостави. Претстои сериозна работа, сериозна битка со родовите стереотипи, со предрасудите, со инфериорната улога на жената во општеството, која традицијата и условите во нашето општество ја воспоставиле во децениите и вековите наназад, нешто кое што сите ние денес преку вакви дебати се стремиме да го промениме и да воспоставиме родова еднаквост, рече Шахпаска. Министерката за образование Мила Царовска рече дека образованието е база што сме ја пропуштиле со години, за да ја направиме основи за создавање родова рамноправност. -Во периодот на комуникација за новата концепција за основно образование, се поставуваше прашањето дали министерката води граѓанска организација или институција. Ова прашање се  поставуваше затоа што трите основни столба за кои се застапува самата концепција се родова рамноправност, инклузија и културна интеграција. Една земја која се стреми кон ЕУ мора да зборува за родова рамноправност и инклузивно општество. Токму затоа носиме и такви закони во Собранието, а ако овие законски решенија и конвенции не се прелеат во сите документи посебно во основно и средно образование вие образувате граѓани кои нема да бидат подготвени да ги почитуваат вредностите кои уставно загарантирани и кон кои се стреми нашата земја, рече таа. Истакна дека токму затоа концепцијата за основно образование поставува темели идните генерации да не се соочуваат со превоспитување и јакнење на јавната свест. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека ако не можеме акциските планови да ги носиме паралелно со видливите промени обично тие ќе останат хартија која сите ќе ја заборават. -Еден дел од промените се брзи, но некои промени навистина се многу бавни. Ни требаат акциски планови, но можеме да направиме многу повеќе од акциски планови што долгорочно ќе ни го дефинираат патот. Во одбраната, не само во Македонија, туку генерално во светот, кога ќе го анализирате учеството на жените во темите како што се превенција на конфликти, безбедност ќе видите дека уште поневидливи се жените, тука бројките се уште помали, рече Шекеринска. Додаде дека нашето отсуство на прашањата на безбедност е резултат на генералното отсуство на масата каде што се носат одлуки. -А бидејќи прашањата на мир, војна, безбедност и конфликт, се прашања пар екселанс на политички маси на коишто се носат одлуките, нашето отсуство на масите на коишто се носат одлуки е највидливо во овие области, и затоа се стремевме во изминатите три години да дадеме кураж на жени и девојки и кои веќе работат во одбранбениот сектор, но исто така тие пораки да ги искористиме и кон девојките во државата коишто набљудуваат, гледаат и реагираат во зависност од сигналите што ги испраќаме, рече Шекеринска. Истакна дека во Министерството за одбрана учеството на жени во структурата на вработени во Министерството секогаш била висока. -Меѓутоа, во периодот кога влегов како министер за одбрана ситуацијата беше дека од раководители на сектори, имаше само една жена. Сега десет жени раководат со сектори и тоа во прилично рестриктивна ситуација, практично и да не сме имале нови вработувања во секторот за одбрана. Напротив вкупниот број на вработени се намали како резултат на реформите. Меѓутоа, ова покажува дека има простор да влијаете не само како министерка, туку како човек што сака да ги извади на површина капацитетите на државата што ги поседува и второ, дека во принцип треба да го правиме системот да биде флексибилен, да може нови луѓе да добиваат шанса, рече Шекеринска. Министерката за култура Ирена Стефоска истакна дека раководната структура во Министерството за култура ќе ја преземат жени, при што шест сектори во Министерството во кои немало раководители, со внатрешни поместувања, тие сектори ќе ги водат жени, кои се докажани во својата работа. -Слично како и образованието и културата се гледа како женска област и женска работа. Но тоа повеќе е на едно стереотипно ниво, од една страна, од друга страна ќе наведам само неколку податоци за да ја отсликам раководната структура во институциите во Министерството за култура, и од таа гледна точка, независно од стереотипноста и сфаќањата за културата, бројките се охрабрувачки. Во раководните структури на националните институции на културата, 48 проценти се жени директорки, рече Стефоска. Марија Ристевска, директорка на Центарот за истражување и креирање политики рече дека во оваа економска и здравствена криза родовиот јаз ги зајакна и истакна разликите покажувајќи дека нејзиното влијание врз мажите и жените е асиметрично. Начинот на справување со кризата и процесите на дигитализација што се започнати, посочи таа, се закануваат уште повеќе да влијаат на жените,отколку на мажите, и на тој начин да се загрози повеќедецениската работа на особено економското јакнење на жените. -Центарот уште минатата година предупреди дека без воведување родова перспектива може да имаме разорувачко влијание на родовата еднаквост на оваа криза. Ова го покажува и најновиот извештај на Светскиот економски форум којшто низ бројки покажа дека родовиот јаз се зголеми за 135,6 години. Ако во 2020 ни требаше 99 години да го намалиме јазот меѓу мажите и жените којшто е постоечки со ова темпо на реформи, во 2021 после Ковид годината, овој јаз се зголеми на 135,6 години кои ни се потребни за да постигнеме еднаквост меѓу маите и жените. Најголемиот јаз останува во политичкиот живот, рече Ристевска. Дебатата се организираше во рамки на проектот финансиран од ЕУ „Низ женски леќи: поткревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ и претставува завршен настан за кампањата што проектот ја спроведе во периодот од 8 март до 8 април 2021 година - Месец на родова еднаквост во носењето одлуки. нд/ац/

Остани поврзан