Дебарското КУД „Дибра е Мадхе"(Голем Дебар) на парада на фолклорот во Тирана
- На парадата на културните уметнички друштва и фолклорни групи, што ќе се одржи во Тирана на 28 ноември - Денот на независноста на Албанија, ќе учествува и дебарското КУД „Дибра е Мадхе" (Голем Дебар).
Дебар, 26 ноември 2024 (МИА) - На парадата на културните уметнички друштва и фолклорни групи, што ќе се одржи во Тирана на 28 ноември - Денот на независноста на Албанија, ќе учествува и дебарското КУД „Дибра е Мадхе" (Голем Дебар).
- Оваа парада на албанската традиција и културата се одржува по вторпат во Тирана. Учествувавме и минатата година и достоинствено го презентиравме нашиот дебарски фолклор и традиција, изјави за МИА, Миче Дука, претседател на друштвото, познат дебарски бизнисмен и филантроп.
Додава дека според организаторот ќе учествуваат друштва и групи од 150 градови од Албанија, Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и од други држави каде ја има албанската дијаспора.
- Околу 300 групи од албанската дијаспора ќе се соберат во главниот град на Албанија за да ја прослават 112- годишнината од независноста. Парадата ќе започне на плоштадот „Мајка Тереза“, а ќе заврши на плоштадот „Скендербег“, изјави за албанските медиуми Адриола Камбо, претседателката на Заедницата на општини во Албанија.
На плоштадот „Скендербег" се очекува учесниците да ги поздрави градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.
Ова е втора година како оваа парада се одржува во Тирана, по 15-годишната традиција на одржување во Њујорк, САД. вт/цр
Фото: КУД „Дибра е Мадхе" (Голем Дебар)