• четврток, 14 ноември 2024

Дебарските надлежни институции разговараа за превентивните мерки против поплави и други непогоди 

Дебарските надлежни институции разговараа за превентивните мерки против поплави и други непогоди 

Дебар, 28 септември 2024 (МИА) -  Во просториите на општина Дебар  се одржа состанок на претставници на надлежните институции за координирање на превентивните мерки против поплави и други природни непогоди. 

На состанокот присуствуваа претставници на општина Дебар, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК), Полициската станица Дебар, Територијалната противпожарна единица Дебар, Црвениот крст и Јавното комунално претпријатие „Стандард". 

-Главна цел на средбата беше подготовка и координација на акциите за спречување на евентуалните опасности предизвикани од поплави, мразови и одрони во текот на зимската сезона, информираа од општината.

Од страна на претставниците на  општината  била нагласена потребата од континуиран мониторинг, редовни контроли и конкретни мерки за да се обезбеди заштита на жителите, нивниот имот и инфраструктурата на поширокото  подрачје.

-Дискусијата се фокусираше на идентификување на областите кои се најзагрозени од поплави и лизгање на земјиштето, особено населбата Варош во горниот дел на градот и селата Горно и Долно Косоврасти, информираат од општината.

Договорено е да се следи, посебно,  состојбата во овие делови од општината, со заложба за подобрување на инфраструктурата. 

-Исто така, стана збор и за мерките за навремено чистење на патиштата и канализациската мрежа, како и за подготовка на соодветни тимови за вонредни состојби за справување со неочекувани ситуации. Присутните искажаа  посветеност  за заеднички план за акција и континуирана координација за обезбедување на безбедноста на жителите, посочуваат од општината.

Треба да се нагласи фактот дека ДСЗ, РЦУК и Организацијата на Црвен крст со својата дејност ја покриваат и општина Центар Жупа, додека ТППЕ и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше. вт/лв/

Фото: Општина Дебар

Остани поврзан