• среда, 15 мај 2024

Дводневна саемска манифестација „Денови на мед“ во Куманово

Дводневна саемска манифестација „Денови на мед“ во Куманово
Куманово, 11 ноември 2022 (МИА) - Петнаесетина пчелари од Куманово и Србија учествуваат на саемот за мед којшто го организира Здружението „Пчела“ од Куманово по повод Денот на ослободување на градот. Пчеларите велат дека одлучиле Денот на градот да го прослават со дводневна саемска манифестација. - Здружението се потруди да обезбеди средства да направиме уште еден саем, покрај нашиот октомврискиот. Очекуваме посетеност од нашите сограѓани поради тоа што доаѓа зима, треба да се снабдат со мед и пчелни производи, да го зајакнат својот имунитет и да ја презимат зимата како и нашите пчелки, успешно. Иако сè е поскапено нашето здружение ќе ја задржи цената од 600 денари за килограм мед и сите останати пчелни производи цената ќе остане иста, изјави претседателот на здружението, Бобан Стошевски. Пчеларите велат дека годинава била просечна, за нијанса подобра од претходните, но далеку од посакуваните приноси. Климатските промени најмногу ги чувствуваат пчеларите, со пониските приноси на мед. - Имам 80 кошници, во село Габреш почнав пред осум години од нула. Стигнав до 80 семејства. Годините не се многу добри, има суши, топли температури, но ние одиме напред, не се откажуваме, мислиме ќе биде добро, вели пчеларот Љупчо Стојчевски. Од Здружението „Пчела“ најавуваат бројни активности до крајот на годината, меѓу нив саемски посети во државава и во странство, едукации, презентации. ам/мд/

Остани поврзан