• петок, 05 декември 2025

Два комитети на ЕП ги поддржаа предлозите за зголемување на одбранбеното производство на ЕУ и на поддршката за Украина 

Два комитети на ЕП ги поддржаа предлозите за зголемување на одбранбеното производство на ЕУ и на поддршката за Украина 

Брисел, 24 април 2025 (МИА) - Членовите на комитетите за индустрија, истражување и енергетика и за безбедност и одбрана на Европскиот парламент денеска со 70 гласа „за“, 46 „против“ и 8 „воздржани“ го поддржаа предлогот на Еврокомисијата за создавање Програма за европска одбранбена индустрија (ЕДИП), вредна 1,5 милијарди евра, која опфаќа мерки за забрзување на интеграцијата на одбранбените индустрии во ЕУ и за поголема финансиска поддршка за опремување на воените капацитети, како и Инструмент за поддршка на Украина. 

Европратениците го проширија предлогот со барање ЕДИП да се фокусира и на подобрување на снабдувањето со оружје, муниција и друга опрема релевантна за актуелната кризата, на зајакнување и зголемување на одбранбените производствени капацитети, на намалување на времето за одбранбено производство и испорака, како и на зголемување на складишните капацитети за потребите на одбраната. 

Дополнително, пратениците се заложија и за принципот „купувај европско“, односно преку ЕДИП да се финансираат само набавки на производи со компонентите произведени во ЕУ или партнерските земји, за воспоставување на европскиот „воен механизам за продажба“, кој би функционирал како централизиран каталог за набавка на одбранбени производи во ЕУ, како и за обезбедување на сигурност во снабдувањето со одбранбени производи. 

Во однос на воената поддршка за Украина, европратениците го поддржаа и создавањето на Инструментот за поддршка на Украина (УСИ), преку кој треба за да се обезбеди модернизација и интеграција на украинската одбранбена индустрија во европската одбранбена технолошка и индустриска база. Преку, УСИ би требало да се зголемат директните инвестиции во украинската одбранбена индустрија, да се олеснат партнерствата меѓу одбранбените субјекти од ЕУ и Украина и да се зголемат европските набавки на одбранбени капацитети произведени во Украина. 

Според претседавачката на Комитетот за безбедност и одбрана на ЕП, германската либерална европратеничка Мари-Агнес Штрак-Цимерман, Европскиот парламент ќе инсистира на воспоставување силна регулатива што ќе ги поттикне земјите членки на ЕУ да ги зголемат заедничките набавки со цел да изградат посилни, стратешки, ефикасни и единствени европски одбранбени капацитети. 

Коизвестувачот за предлогот на Комитетот за безбедност и одбрана, францускиот европратеник  Рафаел Гликсман оцени дека зајакнувањето на европската одбранбена индустрија, повеќе не е само опција, тоа е стратешки императив во услови кога Европа се наоѓа на историски крстопат. 

- Заедничкото и усогласеното трошење на ниво на ЕУ е единствениот начин да ја прекинеме нашата зависност од надворешните актери, а ова гласање за ЕДИП е јасен чекор во таа насока, рече Гликсман, кој е член на француската социјалдемократска партија Јавен простор (ПП). 

Според неговиот сонародник и коизвестувач за предлогот на Комитетот за индустрија, истражување и енергетика, Франсоа-Ксавие Белами денешната поддршка на предложената регулатива со големо мнозинство означува „голем чекор“ за безбедноста на европскиот континент и за зајакнување на одбранбена индустрија на ЕУ. 

- Со ова гласање, Европскиот парламент високо меѓу приоритетите на ЕУ ги поставува зајакнувањето на суверенитетот и отпорноста на нашите земји, изградбата на ефикасна рамка за управување и дизајнира амбициозно и реално решение за финансирање. Со овој важен чекор, покажавме дека нашата институција се справи со предизвикот за ова клучно прашање за иднината на Европа, рече Белами, кој доаѓа од редовите на француската либерално-конзервативна партија Републиканците (ЛР). 

Европската комисија ја поднесе Предлог-регулатива за создавање на Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП) на 5 март. За предлогот сега останува да се изјаснат и земјите членки во рамките на Советот на ЕУ, по што нивни, заедно со претставници на ЕП треба да ја усогласат конечната верзија на текстот на регулативата во рамките на т.н. „тријалог“. сп/

Фото: МИА Архива  

Остани поврзан