• четврток, 02 мај 2024

Зашов за МИА: Договорот со Бугарија треба да се спроведува, но како и со кои чекори тоа е предизвик за нашата дипломатија

Зашов за МИА: Договорот со Бугарија треба да се спроведува, но како и со кои чекори тоа е предизвик за нашата дипломатија

Скопје, 5 феврури 2024 (МИА) - Политиката и дипломатијата имаат допирни точки, но политиката не треба да влијае на дипломатијата како занает. Политиката, особено надворешната, ја води Владата, ја води министерот, но тој мора да се потпре на стручното знаење на дипломатите кои се во Министерството и во ДКП-ата. За жал, тоа не е така, кај нас. Потребна ни е професионална дипломатија, димензионирана според можностите. На нашите дипломати им претстои силна работа што се однесува до Преспанскиот и особено до Договорот за пријателство со Бугарија. Тој треба да се спроведува, но како ќе биде спорведувањето и кои чекори ќе се преземаат тоа е нешто друго, вели во разговор за МИА, амбасадорот Благој Зашов, кариерен дипломат во пензија.

-Првиот Закон за надворешни работи е донесен пролетта, 2006 година, и е добар закон бидејќи содржи одредба според која 75 проценти од амбасадорите треба да бидат дипломати од кариера. Но тој закон до 2015 -та доживеа шест измени, меѓу кои во време на владеењето на Груевски се смени тој процент обратно. Што значи 25 проценти кариерни дипломати, а 75 проценти под формaта други истакнати правници, политичари, уметници итн. под која форма практично беа праќани кадри од партиите. Тука настануваа тие договарања, преговарања - премиер, министер за надворешни работи и претседател, и во тој период беа испратени многу политичари и партиски војници како амбасадори. Имаше и неколку амбасадори кои беа кариерни дипломати. Но имаше и многу други, особено подоцна кога и многу млади кадри се праќаа за амбасадори, на 28 години, со 32 години, вели Зашов.

Има два услова за да се биде успешен амбасадор, уверува Зашов - едниот е да се има животно искуство и работно искуство и да се биде кариерен дипломат до 50-та година, бидејќи најдобри амбасадори се оние кои имаат над 50 години.

-Јас станав амбасадор со 53 години градејќи ја кариерата од најниското скалило. Млади луѓе кои ќе отидат на амбасадорски места не можат да бидат успешни. Тврдам дека еден млад човек може да биде успешен министер, но еден млад човек не може да биде успешен амбасадор. Зошто? Зад секој министер стои цело Министерство кое работи за него, советници кои го „хранат“, млад човек кој е амбасадор тој е сам. Особено ние како мала дипломатија не можеме да имаме доволно советници во амбасадите. Сведени сме на амбасадор и еден советник и евентуаlно луѓе кои се неопходни од техничкиот кадар, вели амбасадорот Зашов кој бил меѓу првите македонски дипломати кои во 90-те години заминаа во странство да ја претставуваат земјава.

За тоа дали постојната поставеност на нашата дипломатска мрежа која брои 57 ДКП-а, и екипираноста, може да одговори на потребите на земјава со оглед на ограничените ресурси, Зашов смета оти таа е предимензионирана.

-Дипломатијата на секоја земја е димензионирана и според можностите. Имам впечаток дека премногу се рашири македонската дипломатска мрежа, а во исто време квалитетот не е на тоа ниво. Во смисла зборуваме за изборот на професионални амбасадори и тешкотиите што ги има Македонија заради застапувањето од непрофесионалци. Зборуваме и за ограничените средства. Јас сум приврзаник на помала дипломатска мрежа, а посилна во смисла таму каде што интересите се поголеми да има и по еден дипломат плус за да му помогне на поставениот амбасадор во неговото амбасадорување. Имам впечаток, можеби е погрешен, дека проширувањето на дипломатската мрежа одела стихијно, но некогаш и намерно за да се овозможи некоја партија да прати таму амбасадор. На пример, во Бразил или Казахстан, не знам дали треба да има амбасадор?, посочува Зашов.

Во последно време, вели, се праќаат и непрофесионалци, но тоа се користи затоа што се уште важи таа одредба за испраќање ¼ дипломати од кариера со тоа што не е тоа толку стриктно во применувањето. Тој потсесува дека постои нов нацрт закон кој беше подготвен во времето на министерот Никола Димитров, помина јавна расправа, и беше испратен и во Собрание, но се уште не е донесен, а кој превидува 80 проценти од амбасадорите да бидат кариерни дипломати.

-Во него се уредуваат и внатре односите во МНР во однос на унапредувањата и звањата. Добро е да има и истакнати личности во нашето општество – писатели, интелектуалци, кои можат да ја претставуваат успешно земјата во странство и тие да бидат именувани за амбасадори, но не да бидат под влијание на партија, нагласува диплматот.

Зашов кој имаше и куса политичка кариера, (беше пратеник од редовите на НСДП, во 2006 година, а во 2007 година беше избран за потпретседател на Собранието) прашан како ја оценува во овој момент улогата на техничката Влада, и дали таа треба да опстане како решение или ја отслужи веќе целта заради која беше воведена, оценува дека веќе требаше да замине во историјата. 

-Сегашната техничка Влада е рецидив од една ситуација во која Македонија беше блокирана заради отстуството на политичка проценка дека изборите се завршени и ВМРО треба да ја предаде власта. Затоа е рецидив кој требаше уште порано да се тргне, но очигледно некои политички калкулации одеа во прилог на тоа таа да остане. Но сегашните последици од тоа се катастрофални. Затоа што техничката влада не се сфаќа како влада која што треба да ги организира изборите туку, за жал, се користи и од едната и од другата страна за добивање политички поени во своја полза заради изборите и придобивање на гласачкото тело. Она што вчера го видов како техничкиот премиер оди во неговото место и таму се прави фешта со сите тие манифестации, а се работи за технички премиер кој што треба да организира избори, тоа не е нормално во една демократија. Тој треба да седне во Владата и да работи на организирање на изборите, а не да се прават такви манифестации кои ќе имаат одраз, за жал, долгорочно на меѓуетничките односи. Нема потреба од еуфории. Дефинитивно таа треба да замине во историјата и Македонија да стане нормална држава, потенцира Зашов.

За клучните договори за државата Преспанскиот и Договорот за добрососедство, особено за францускиот предлог, односно за Преговарачката рамка со ЕУ, се уште опстојуваат дијаметрално спротивни ставови меѓу власта и опозицијата и нивно користење во дневно политички цели

Прашан како го доживува Преспанскиот договор, Зашов вели дека тоа мораше да се случи, но не и под такви услови.

-Во 1992 година Грција постави три услови за признавање на Македонија. Промена на Уставот, на знамето и на името. Сите три услови Грција ги постигна заради силата која ја има прво како членка на меѓународни организации во кои Македонија не беше и како дипломатија која ја имашеа која успешно работеше на реализирање на сите три идеи. Преспанскиот договор дојде како една пресвртна точка во реализирање на желбите на Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. И тоа е едно големо попуштање кое мораше да се случи, но не мораше под такви услови, во еден договор што е на 20 и некоку страници во кој што има и детали што се наметнати од страна на грчката Влада. Тука е и најголемиот проблем кој го имаме и сега со пасошите. Значи Грција работеше, и дипломатијата, но и нивната влада, на прецизирање што е можно повеќе, не само да се промени името - Северна Македонија, туку и во реализацијата на односите Македонија што ќе ги има во иднина, да биде така како што Грција сакаше, вели тој.

На прашањето дали смета дека е тој успех или неуспех на македонската дипломатија, Зашов потсетува дека дипломатијата е составена од Министерство и од амбасади и конзулати, но вели во конкретниот случај сета постапка се водеше од МНР со договор со Премиерот и со Претседателот.

-Имам впечаток дека дипломатите не беа доволно користени или пак, тие што беа клучни во тој момент не известуваа најреално каква е состојбата на пример во Грција, дали Грција е спремна да попушти, што на крајот се утврди дека попуштањето на Грција беше во тоа што дозволи нашата земја да го содржи и името Македонија покрај Северна. Нешто што порано не беше планирано во постапката што Нимиц ја водеше и во првите контакти што беа. Но треба да се има предвид и тоа што се случуваше во Грција. Грчкото општество не беше спремно да го даде зборот Македонија, наведува Зашов.

Како што Договорот со Грција не е реципрочен и не е правичен, вели Зашов, истото важи и за Договорот со Бугарија, а тоа го користи опозицијата да критикува дека тогашната власт не заклучила договор кој што ќе ги заштитува докрај интересите на државава.

-Во тој поглед имаат право, но ако веќе е склучен еден договор како специјалист по Меѓународно право, тврдам дека тој договор треба да се спроведува, но како ќе биде спроведувањето и кои чекори ќе се преземаат тоа е нешто друго. Тука треба да се активираат сите политички и дипломатски сили за да не се дозволи, тоа да е „бугарски диктат“, да не се реализира нешто што е зацртано во стратегијата на Бугарија – Македонија и Македонците да бидат својатани и да попуштат во поглед на тоа да прифатат дека се новоформирана нација од 1944 година наваму. Ниедна нација не е без корени. Македонската нација има корени уште од преродбениците. И во тој поглед многу е значајно како во иднина ќе се разговара со Бугарија. Но да се промени преговарачката рамка мислам дека е невозможно. Тоа е обврска која е превземена, но дали при утврдувањето на текстот на Преговарачката рамка сме морале да се согласиме и за вклучување на протоколите, е исто прашање кое треба да се размислува. Тоа е, сепак, завршена работа, но останува многу силна борба и многу работа, особено на нашата дипломатија, подвлекува амбасадорот Зашов.

За тоа дали и во актуелниов контекст останува со убедување дека македонско-бугарските односи имаат перспектива, како што минатата година му напиша отворено писмо на неговиот колега од амбасадорувањето во Букурешт, Милков кој беше министер за надворешни работи во последната техничка Влада на Бугарија, Зашов посочува дека станува збор за човек кого лично го познавал и кому тогаш му пишал затоа што не постапил дипломатски, но дека денес, посочува, ситуацијата е променета.

-Во тој момент мислев дека е многу добро да му се обратам затоа што тој тогаш не настапи дипломатски. Во сегашната ситуација забележувам дека во Бугарија темата на Македонија е потисната од други внатрешни причини и таму освен претседателот Радев и потпретседателката Јотова, нема некои националистички изјави од сегашната Влада. Така што ситуацијата сега е променета, тие сега се затскриваат зад преговарачката рамка тврдејќи дека сега не се работи за однос помеѓу Бугарија и Македонија, туку за однос меѓу Македонија и ЕУ. Но јас сум сомничав дека тие нема да продолжат да ја тераат својата агенда во поглед на нивната стратегија која се градела со децении наназад преку БАН и преку фондацијата „Македонија“ во која за жал, се ангажирани практично најголемиот број Македонци, кои станале Бугари сега се поголеми Бугари од самите Бугари, вели Зашов.

За тоа колку земјава се грижи за дипломатската традиција, за историјата на македонската дипломатија, која има континуитет од поранешна Југославија, Зашов вели дека пренесувањето на искуствата на нашите дипломати продолжува и преку Дипломатскиот летопис од Дипломатскиот клуб и преку пишувањето книги.

Негов прилог во зачувување на  дипломатската меморија е и неговата втора книга посветена на неговиот мандат како амбасадор во Букурешт „Романија - Македонија, дипломатски разговори, средби, сеќавања“, која ќе биде промовирана утре во Скопје, и е повод да се осврнеме на дипломатијата. Таа ја сублимира неговата работа како амбасадор на тогаш Република Македонија во Букурешт (1996-2002). Зашов е автор и на книгата „Македонија и Советот на Европа, спомени на еден дипломат“ (1990-1996) издадена во 2005 година, а е посветна на неговата работа како постојан претстaвник на Република Македонија во СЕ. 

Виолета Геров 

Фото: Дарко Попов

    

 

Остани поврзан