• понеделник, 23 декември 2024

Дали и колку Охрид е навистина скап за туристите, а и за нас

Дали и колку Охрид е навистина скап за туристите, а и за нас

Охрид, 5 јули 2023 (МИА) – Речиси секоја сезона охридските угостители се мета на незадоволни гости кои на социјалните мрежи објавуваат фотографии од фискални сметки со високи цени за наплатени услуги и производи. 

Колку тие статуси навистина ја отсликуваат реалната состојба за тоа дали и колку е Охрид скап за туристите, е предмет на дискусии и расправии, поделени мислења, лични ставови, споделени непријатни искуства. Најмногу разлики во ставовите има на релација угостители и гости, а реалноста секогаш како по правило е некаде на средината...

Генералниот став е дека има услуги и производи што навистина се скапи, но и тоа е релативно доколку се суди според она што таа цена навистина отсликува.

Ставот на охридските угостители е дека Охрид не е ништо поскап од поголемите градови во земјата, особено споредбено со главниот град. Тие посочуваат дека цените се формираат врз основа на многу фактори, за кои обичниот гостин воопшто и не размислува кога ќе одбере каде ќе ги троши своите пари. Речиси по правило се објавуваат највисоките цени на услугите, а не се посочува дека тоа без исклучок се сметки од најекспонираните објекти на ривиерата, каде локацијата ги диктира цените.

Тие сметки се секогаш од угостителските објекти на првиот ред до езерото, каде секој од туристите треба да знае дека се и највисоки. Тоа се објекти кои имаат и највисоки давачки, од цена на закуп на локал, до цена на изнајмување простор за урбана опрема...

Цените на сите производи се истакнати пред речиси сите објекти на ривиерата. Сите гости сакаат да седнат и да пијат кафе, сок на маса веднаш до езерото, а не ги интересира тоа што давачките на тие објекти се највисоки. Многу од гостите, најмногу домашните, сакаат да седнат на најатрактивна позиција, во најекспонираните локали, да уживаат за своите пари, што е разбирливо, но математиката на угостителите и конечната пресметка за тоа колку нешто треба да чини е многу поинаква. 

Многу од репрезентативните објекти на крајбрежејето на Охридското Езеро дури и ставаат повисоки цени на најевтините услуги и производи, со цел да ги одвратат оние гости што сакаат да седат по неколку часа на најубаво место и притоа да поминат со сметка од 500 денари за неколку кафиња. 

Како за пример, еспресо во градот може да се пие и за 60 денари, но за истата услуга може да ви наплатат и 150 денари. Цената на пивото исто така многу варира, од 90 денари до 200 денари за половина литар. Чорба може да се јаде и за 160 денари во некои од растораните подалеку од центарот, но за истото јадење може да треба да платите и 360 денари.

Следејќи ја економската логика, не може ресторан што нуди храна и квалитетна услуга на прв ред до езерото да си дозволи на најубавите пет од десетте маси колку што ги има на терасата да им биде зафатена од гости што не можат да си дозволат да потрошат повеќе, наспроти туристи кои добро знаат дека и самата локација мора да се плати. Сите што биле во попознатите туристички места знаат дека секогаш локацијата е факторот што најмногу ја формира цената на услугата.

Поделеност кај гостите секогаш имало и ќе има, особено во туристичките места каде сезоната е куса. Угостителите во Охрид постојано укажуваат дека и тука има објекти каде може пристојно и поевтино да се јаде и пие, но таквите објекти по правило не се на првиот ред од крајбрежејето.

Угостителите посочуваат дека не може да се споредува локална кафеана или ресторан во било кој град со локал на првиот ред од езерото. Тие објекти е резервирани за туристи со подлабок џеб, а изборот е на самите гости каде и дали имаат сила да си дозволат да седнат. На стотина метри од езерото има угостителски објекти каде цените не се ништо повисоки отколку во другите градови во земјата, да не зборуваме за Грција или поатрактивните туристички дестинации. И во Скопје цените не се исти во центарот на градот и во населбите.

Аце Димовски, сопственик на пицерија во центарот на Охрид вели дека цените на услугите се такви какви што се заради многу фактори, најмногу поради зголемите трошоци, како на репроматеријалите, преку поскапата работна сила што се помалку ја има, се до општите  давачки. 

Како за пример тој посочува дека цената на најбараната пица во неговиот локал е 330 денари, само 90 денари поскапа споредбено од пред 20 години кога истата чинела 240 денари. Тој вели дека тогаш за килограм кашкавал како основна состојка на секоја пица плаќал по 220 денари, наспроти сега кога истиот производ го набавува за двојно повисока цена. Тогаш, како што вели, просечната плата на вработен била  девет илјади денари, што сега е трипати повеќе, и тоа во услови кога понудата на пазарот на работна сила е далеку послаба.

-          Сите знаат дека пазарот во Охрид е меѓу најскапите во земјата, а ние сите репроматерјали ги набавуваме тука. Доколку се има предвид што само последната година се е поскапено, од кириите на објектите, преку струјата, водата, работната сила, нема логика да се оди со пониски цени. А што се однесува на тоа дали Охрид е скап, тоа останува на самите гости, нивно е да решат каде ќе летуваат и на крајот на краиштата каде ќе седнат да јадат, вели тој.

Јаким Деребан, сопственик на кафуле на Градскиот плоштад во Охрид, вели дека има зголемени давачки кај угостителите, кои муштериите и не ги чувствуваат, а што влијаат врз конечната цена на услугите.

-          За закуп на простор од 26 метри квадратни плаќам над две илјади евра годишно сума што мора да се исплати независно куповната моќ на гостите. Поскапувања има кај набавната цена на пијалоците, плаќаме и за ЗАМП, нови давачки кон општината, ред други парафискални издатоци. Најмногу поскапување имаме кај работната сила, со зголемени давачки особено за вработените во недела и за празниците, кога се плаќа двојна дневница, сето тоа влијае и врз конечната цена на услугите, вели тој.

Деребан укажува дека има поголеми поскапувања на набавната цена на производите, особено кај прехранбените продукти, но сепак смета дека има одредени ресторани што претеруваат со цените.

-          Тоа остава лоша слика кај гостите, особено кај оние што години го одбираат Охрид за одмор, а се соочиле со претерано поскапување. Тоа на подолг рок може мошне негативно да се одрази врз севкупната слика за локална туристичката понуда, вели тој.

Александар Бачиќ

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан