• сабота, 27 јули 2024

Г20: Палестинско-израелскиот конфликт треба да заврши со две држави

Г20: Палестинско-израелскиот конфликт треба да заврши со две држави

Бразилија, 22 февруари 2024 (МИА) – Министрите за надворешни работи на Г20 кои се состанаа во Бразил смеаат дека е потребно решение со две држави како единствен начин за мир во израелско-палестинскиот конфликт, изјави шефот за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел.

- Сите овде, сите. Не слушнав некој против тоа. Постои силно барање за решение со две држави. Тоа е консензус меѓу нас, истакна Борел.

Другите делегати се согласија со ставот на Борел и рекоа дека секој говорник кој зборувал за војната во Газа повикал на решение со две држави.

- Има заеднички именител: нема да има мир, нема да има одржлива безбедност за Израел додека Палестинците не добијат јасна политичка перспектива за изградба на сопствена држава, рече Борел.

Тој додаде дека кризата во Газа се прелева на Западниот Брег, кој „апсолутно врие“ од „напади на израелските доселеници врз палестинските цивили“. Борел рече дека побарал од земјата домаќин Бразил „да му стави јасно до знаење на светот дека сите што присуствуваат на Г20 се за ова решение“.

- Мораме да го мобилизираме нашиот политички капацитет да се заложиме за спроведување на ова решение. Во спротивно, тоа се само убави желби, рече шефот на европската дипломатија.

Борел изјави дека очекува арапските нации да предложат мировно решение за Газа во наредните денови.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата десничарска коалициска влада во голема мера го отфрлаат формирањето на палестинска држава, и покрај тоа што главниот сојузник на Израел, САД, тврди дека решението со две држави е единствениот остварлив начин да се дојде до долгорочен мир во регионот.

Во врска со Украина, Борел рече дека нема знаци дека Русија ќе прифати прекин на огнот.

- Путин сака да ја продолжи војната, рече тој.

Западните министри за надворешни работи на состанокот на Г20 во Бразил вчера ја нападнаа Русија поради нејзината инвазија на Украина додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги слушаше сите излагања, изјавија дипломати. јт/

Остани поврзан