• понеделник, 23 декември 2024

Грчкиот актер, режисер и поранешен директор на Националниот театар привремено ослободен, иако е прогласен за виновен за две силувања

Грчкиот актер, режисер и поранешен директор на Националниот театар привремено ослободен, иако е прогласен за виновен за две силувања
Атина, 13 јули 2022 (МИА) – Мешаниот поротнички суд во Атина го прогласи за виновен за две од четирите силувања за кои беше обвинет грчкиот актер, режисер и поранешен уметнички директор на Националниот театар, Димитрис Лигнадис, одредувајќи му вкупна затворска казна од 12 години, но сепак ќе биде пуштен на слобода под конкретни услови, сè додека да се разгледа жалбата, јави дописничката на МИА од Атина. Судот го прифати барањето на адвокатот на Лигнадис за одложување на издржувањето на затворската казна се додека да се разгледа жалбата, а актерот има забрана да ја напушти земјата, ќе треба трипати месечно да се пријавува во полициска станица и да плати кауција од 30.000 евра. Одлуката предизвика негативни реакции кај присутните во сидницата, со оглед на тоа дека Лигнадис претходно беше прогласен за виновен за две силувања и тоа на малолетни лица. Двете силувања биле извршени во 2015 година врз 17-годишни момчиња, а Лигнадис за едниот случај доби пет, а за другиот десет години затворска казна, кои на крај беа намалени на вкупно 12 години затвор. Актерот и режисер беше уапсен лани, на крајот од февруари 2021 година и откако му беше одредена мерка притвор, веќе 17 месеци е во затвор, а судењето започна во февруари годинава. Се товареше за пет силувања, едното дело е застарено поради поминатиот долг временски период и беше избришано, додека пак останатите три се врз лица кои биле малолетни, а четвртото е врз возрасен маж. Откако името на Лигнадис лани започна да се споменува во повеќе наврати за случаи на силување, сексуално вознемирување, како и сексуално насилство врз малолетни деца, режисерот, две седмици пред апсењето, си поднесе оставка од позицијата директор на Националниот театар на Грција. ср/паг/

Остани поврзан