• недела, 21 јули 2024

Грчката полиција бара одложување на два фудбалски натпревари поради протест и посетата на Ердоган

Грчката полиција бара одложување на два фудбалски натпревари поради протест и посетата на Ердоган

Атина, 22 ноември 2023 (МИА) – Од безбедносни причини, односно поради закажан протест и поради посетата на Атина на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, грчката полиција од Фудбалската федерација на Грција (ЕПО) побарала да ги смени датумите за два фудбалски натпревари од Купот, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за натпреварите од осминафиналето во Купот на Грција, Панатинаикос - Олимпијакос, вечното атинско дерби закажано за 6 декември, како и средбата АЕК - Арис за ден подоцна.

На 6 декември е годишнина од убиството на тинејџерот Алексис Григоропулос во 2008 година, а секоја година традиционално се одржуваат протести и Атина е под драконски безбедносни мерки.

Ден подоцна, во Атина ќе се одржи Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, на кој ќе присуствува турскиот претседател.

Според АНА-МПА, поради конкретните настани „полицијата не може да ја гарантира безбедност на двата натпревари“ и затоа од ЕПО било побарано одложување на двете средби, а Федерацијата бара нови датуми за одигрување на натпреварите. ср/

Остани поврзан