• понеделник, 23 декември 2024

Грција ги интензивира истражувањата за природен гас на шест локации

Грција ги интензивира истражувањата за природен гас на шест локации
Атина, 12 април 2022 (МИА) – Денеска најавуваме забрзување на истражувањата за природен гас, за кој знаеме дека нашата земја можно е, нагласувам, не сме сигурни, но можно е да го има во значителни количини врз основа на прелиминарните студии, како на копно, така и во море, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот во грчката Компанија за управување со јаглеводород, јави дописничката на МИА од Атина. Истражувањата ќе се спроведат во шест делови на Грција, од кои пет се во море, а еден дел е на копно, а Мицотакис истакна дека постојат знаци што влеваат умерен оптимизам, но резултатите од истражувањата, следната година ќе покажат дали постојат резерви. -Мораме како земја со сигурност да знаеме дали има резерви на гас кои се економски исплатливи. Ова сигурно ќе го знаеме на крајот на 2023 година и потоа ќе донесеме одлуки за тоа што ќе правиме понатаму, рече Мицотакис. Истакна дека „секоја криза претставува и можност“, објаснувајќи дека во пракса, постепеното ослободување од зависноста од рускиот природен гас значи и зголемување на снабдувањето од алтернативни извори преку LNG и други гасоводи, но и зголемување на капацитетите за складирање на течниот природен гас. -Не постои сомнеж дека Грција има важна улога да одигра во новата енергетска мапа што се создава. Ние сме регионална земја - центар за транспорт и складирање на природен гас до Балканот, до остатокот од Европа, преку гасоводот ΤΑΡ, преку гасоводот IGB кој наскоро ќе биде завршен и ќе ја снабдува Бугарија со гас, преку нови можни интерконекции со земјите од Блискиот Исток, порача Мицотакис. Истражувањата за природен гас во Грција ќе се водат на шест локации: на копно во областа Епир, две се во Јонското море, две западно и јужно од Крит и една во морскиот дел во близина на Пелопонез. ср/ссм/

Остани поврзан