• петок, 22 ноември 2024

Грузија ги обвинува демонстрантите дека се обидуваат насилно да ја преземат власта

Грузија ги обвинува демонстрантите дека се обидуваат насилно да ја преземат власта

Тбилиси, 8 мај 2024 (МИА) - Грузиската служба за државна безбедност денеска ги обвини организаторите на протестите против предложениот закон на владата за „странски агенти“ дека сакаат насилно да ја преземат власта и ги предупреди граѓаните да не им се придружуваат.

Илјадници луѓе речиси секој ден протестираат веќе еден месец против предложениот закон, кој го сметаат за авторитарен и инспириран од сличен закон во Русија кој се користи за сузбивање на неистомислениците.

Во објава на Фејсбук, агенцијата за внатрешна безбедност на Грузија предупреди дека организаторите на протестите имаат за цел „да ги соборат државните структури и владата со насилни средства“.

Агенцијата истакна дека организаторите на протестите биле финансирани однадвор и планирале насилство против полицијата, заедно со кампања на граѓанска непослушност слична на „обоените револуции“, серија бунтови што ги соборија владите во поранешните советски републики на почетокот на 2000-тите.

-Ги повикуваме младите кои учествуваат во протестите да не следат провокации, се наведува во соопштението.

Грузискиот парламент треба да го одржи третото и последно читање на законот на 13 мај. Опозицијата повика на нова серија масовни протести кои почнуваат на 11 мај.

Западните земји исто така го критикуваат предлог-законот, според кој организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто пари од странство ќе мора да се регистрираат како агенти на странско влијание.

Европската унија, која на Грузија и додели кандидатски статус во декември, предупреди дека законот може да го отежне пристапот во Унијата.

Предлог-законот предизвика конфликт меѓу владејачката партија Грузиски сон и коалицијата на опозициските партии, граѓанското општество и претседателот на земјата.

Владата посочува дека законот е потребен за да се промовира транспарентноста и да се заштити грузискиот суверенитет.

Безбедносните сили често користат солзавец и водени топови против демонстрантите. Минатата недела полицајци го претепаа лидерот на најголемата опозициска партија во Грузија.

Претседателот на парламентот, Шалва Папуашвили денеска објави дека владејачката партија ќе создаде јавна база на податоци „за сите лица вклучени во насилство, други незаконски дејствија, закани и уцени или секој кој јавно поттикнува такви дела“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан