• петок, 22 ноември 2024

Груби и Османи го осудија убиството на полицаецот во Косово и апелираат на стабилизирање на ситуацијата

Груби и Османи го осудија убиството на полицаецот во Косово и апелираат на стабилизирање на ситуацијата

Скопје, 24 септември 2023 (МИА) - Првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Oсмани го осудија убиството на припадник на полицијата на северот од Косово и изразија сочувство до семејството на загинатиот и апел за брзо пронаоѓање на сторителите и стабилизирање на ситуацијата.

Груби оцени дека нападот и убиството на косовскиот полицаец е „обид за поттикнување криза и конфликт со последици врз мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион“.

-Планираните дестабилизирачки случувања во северно Косово кон полицијата, државата и регионот се неприфатливи. Најостро го осудувам нападот врз косовските полициски сили во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а беа ранети и други во северно Косово. Апелирам на внимателност и зрелост, итно апсење на убијците, стабилизација на ситуацијата, одлучност за враќање на редот и законот и блиска координација со меѓународната заедница. Изразувам искрено сочувство до семејството Буњаку и на ранетите им посакувам брзо закрепнување, соопшти Груби. 

Шефот на дипломатијата Османи на Фејсбук го осуди нападот и повика „чинот на насилство да биде темелно истражен и гонет“. 

-Најостро го осудувам убиството на полициски службеник на должност на северот на Република Косово. Моето сочувство до семејството и пријателите на убиениот офицер и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените. Овој чин на насилство мора да биде темелно истражен и гонет. Стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат нарушени од акти на насилство. Безбедноста на граѓаните е пред сѐ, напиша Османи на својот фејсбук-профил. 

Поради инцидентот во Косово најавената прес-конференција закажана за денеска попладне ја откажаа тројцата лидери на албанската опозиција Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.

Еден припадник на полицијата во Косово е убиен, а уште еден е ранет рано утрово во напад на засега непознати и маскирани лица во селото Бањско во Лепосавиќ, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер Албин Курти преку објава на Фејсбук информираше дека околу 3 часот по полноќ била нападната косовската полиција во Бањска, а како последица на нападот полицискиот наредник Африм Буњаку бил убиен, додека ранет е уште еден граничен полицаец. хс/фф/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан