• недела, 22 декември 2024

Гроси: Не заборавајте на опасноста од нуклеарната програма на Иран

Гроси: Не заборавајте на опасноста од нуклеарната програма на Иран

Њујорк, 1 декември 2023 (МИА) - Шефот на нуклеарната агенција на ОН, Рафаел Гроси, смета дека меѓународната заедница не треба да ги изгуби од вид опасностите од иранската нуклеарна програма поради војната во Газа.

Гроси ги повика светските сили да ги обноват разговорите со Иран, иако нивното внимание сега е насочено кон војната меѓу Израел и Хамас.

„Треба да го обновиме дијалогот со Иран. Многумина не посветуваат внимание на иранските нуклеарни амбиции, но овој проблем навистина постои“, рече Гроси.

Иран го поддржува Хамас, како и многу антиизраелски и антизападни групи низ целиот регион.

Како што наведуваат странските агенции, војната на Блискиот Исток ги промени напорите на американската влада за деескалација на тензиите со Иран додека се обидуваше да ја задржи нуклеарната криза.

Во септември, САД и Иран ја завршија размената на затвореници по неколкумесечни преговори, а Вашингтон одмрзна 6 милијарди долари од иранските нафтени фондови во Јужна Кореја.

Гроси истакна дека за разговорите со Иран може да треба нова рамка, наместо обид за заживување на договорот од 2015 година, познат како Заеднички сеопфатен план за акција, кој пропадна откако САД го напуштија во 2018 година под поранешниот претседател Доналд Трамп.

Иран ја зголеми својата нуклеарна активност од 2019 година како одговор на повлекувањето на САД од „Заедничкиот сеопфатен план за акција“ и наметнувањето санкции против него. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан