• четврток, 28 март 2024

Грковска - Орландо: САД ќе обезбедат поддршка за Северна Македонија за финансиските истраги и проблемот со перење пари

Грковска - Орландо: САД ќе обезбедат поддршка за Северна Македонија за финансиските истраги и проблемот со перење пари
Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, во рамки на работната посета на САД  оствари средба со Џејсон Орландо, директор на Канцеларијата за техничка асистенција при Министерството за финансии на САД.

На состанокот, како што информираат од владината прес-служба, се разговарало за веќе отпочнатата меѓусебна соработка иницирана од вицепремиерката Грковска и министерот за финансии Фатмир Бесими, со цел да се обезбеди поддршка во градењето на капацитетите, особено во справувањето со проблемите како што се перење пари, финансиски истраги, како и донесување на закон за перење пари. 

Сите овие прашања се опфатени и во препораките на Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата држава во 2022 година.

Вицепремиерката Грковска истакнала дека за жал, Северна Македонија не е имуна на феноменот перење пари и се соочува со голем предизвик во борбата против економскиот криминал. 

Таа нагласила дека  подготовката на законското решение за потекло на имот е од големо значење за идентификување и одземање имот, за кој не може да се утврди потеклото, а тоа значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и економскиот криминал.

Орландо, како што е наведен во соопштението, се осврнал на се она што досега е потврдено во насока на заедничката соработка врз основа на добиеното официјално писмо во јуни минатата година потпишано од страна на вицепремиерката Грковска и министерот Бесими.

Тој најавил дека се подготвуваат вкупно четири активности за градење на капацитетите согласно искажаните потреби и го поздрави фактот што овие проекти добиваат поддршка од Кабинетот задолжен за политики добро владеење, со што уште еднаш се потврдува силната определба на Северна Македонија во остварување на поставените цели.

На крајот на средбата, соговорниците се согласиле дека се неопходни долгoрочни и одржливи решенија, бидеќи само на тој начин може да се постигнат суштински резултати. дма/са/

Остани поврзан