Грковска на СЕФФ 2022: Создаваме општество кое ќе биде сервис на граѓаните, институциите мора да бидат професионални и транспарентни
- 31 мај 2022

31 мај 2022
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска учествуваше на панел дискусија на меѓународната конференција „Скопски економски и финансиски форум“ СЕФФ 2022, на тема: „Новите предизвици на доброто владеење“, организирана од Министерството за финансии.
На панел дискусијата вицепремиерката Грковска истакна дека Владата на Република Северна Македонија има сериозен и одговорен пристап кон определбата да изгради општество кое ќе биде сервис за граѓаните, општество во кое институциите ќе бидат професионални, ефикасни, транспарентни и отчетни. И токму затоа нејзиниот кабинет почива на три столба, а тоа се: дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и креирање на антикорупциски политики.
„Навидум можеби овие области изгледаат како посебни целини, но во основа тие се меѓусебно поврзани и комплементарни. Интензивно работиме на креирање на ефикасни и транспарентни процеси кои ќе траат подолго од мандатот на една Влада. Услугите за граѓаните мора да бидат достапни по дигитален пат, да бидат брзи, ефикасни и точни. За таа цел веќе е почнат процесот за воведување на електронска лична карта, што е клучен чекор за дигитална трансформација на општеството. Тоа е нешто што мора да се направи, зашто со воведувањето на дигиталната лична карта на граѓаните ќе им се овозможи пристап до сите дигитални услуги“, порача Грковска.

За време на дискусијата вицепремиерката ја истакна важноста за отчетноста на институциите, со акцент на отчетност при трошењето на јавните средства. Од друга страна, со подигнување на транспарентноста се зајакнува и одговорноста на институциите и на носителите на функциите.
„Јас се залагам за политики и решенија кои ќе бидат одржливи и долгорочни, а не решенија кои се краткорочни, кои не се добро искоординирани и нема да дадат никаков ефект. Во однос на транспарентноста многу е важна и промената на нашиот менталитет. Не можам да кажам дека тоа е лесен процес. Ниту дека ќе се случи преку ноќ. Но важно е дека има силна политичка волја и што работиме интензивно на тоа“, потенцираше Грковска.
На панел дискусијата панелистите дебатираа и за владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, професионалниот, ефикасен и непристрасен судски систем како клучни предуслови за заштита на човековите права.
Влада на Република Северна Македонија
Сектор за односи со јавноста
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.