• вторник, 02 јули 2024

Граѓанските организации од регионот им дадоа поддршка на организаторите на фестивалот „Мирдита, добар дaн“ во Белград

Граѓанските организации од регионот им дадоа поддршка на организаторите на фестивалот „Мирдита, добар дaн“ во Белград

Белград, 1 јули 2024 (МИА) - Граѓанските организации од регионот денеска им изразија силна поддршка на своите колеги од Младинската иницијатива за човекови права и на Граѓанските иницијативи од Србија, како и од косовската организација Интегра, во врска со забраната за одржување на фестивалот „Мирдита, добар дан“ во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Нагласувајќи дека фестивалот „Мирдита, добар дан“ промовира пријателство и соработка меѓу српскиот и албанскиот народ, речиси стотина граѓански организации од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, како и од Србија и Косово, ја осудија во заедничкото соопштенеие одлуката на властите во Србија да го „забранат фестивалот само затоа што бил на ударот на криминални структури, членови на десничарски групи кои ја загрозуваат безбедноста и најбрутално им се закануваат на неговите организатори и учесници“.

-Од Србија, како земја членка на Обединетите нации и Советот на Европа и кандидат за членство во Европската Унија, се очекува да ги почитува своите обврски кон слободата на изразување, здружување и мирно собирање на организаторите на фестивалот, и да ги зашти од насилници кои користат говор на омраза и најгрубо им се закануваат со насилство на организаторите и учесниците на фестивалот, се наведува во соопштението на Европското движење во Србија.

Граѓанските организации, исто така, изразија сериозна загриженост за негативниот однос на највисоките функционери на Србија кон фестивалот „Мирдита, добар дан“, нагласувајќи дека настанот исклучиво промовира мир, а требаше да биде отворен со претстава за универзалното страдање на семејства чиишто најблиски биле киднапирани и исчезнати.

Потписниците на соопштението ги повикаа српските власти да ја преиспитаат одлуката за забрана на фестивалот „Мирдита, добар дан“, да ги заштитат организаторите и да ги санкционираат сите кои ја загрозуваат нивната безбедност. об/

Остани поврзан